Кина воведе карантин за град со 13 милиони жители поради наглото ширење на ковид-19, четириесет и четири дена пред почетокот на Зимските олимписки игри во Пекинг.
Од минатата година, Кина ја спроведува стратегијата „нулта стапка на ковид“ во рамки на која прави сè што е можно за во најголема можна мера да ја ограничи појавата на нови случаи на инфекција, кои воглавно ги има само неколку десетици на ден.
Иако, таа бројка може да изгледа смешна во споредба со дневните бројки од другите делови на светот, таа ја поттикнува владата да биде двојно повнимателна поради претстојните Зимски олимписки игри, кои започнуваат на 4 февруари.
Пекинг, домаќин на летните Олимписки игри 2008 година, ќе биде првиот град во светот во кој ќе се одржат и зимските игри.
Деветстотини километри од Олимпиското село, во северниот град Ксиан, епидемијата брзо се шири и во средата се пријавени уште 52 пациенти.
За да се спречи ширењето на вирусот, жителите од четврток на полноќ ќе мора „да останат дома, освен во итни случаи“, соопштија локалните власти.
Едно лице од секое домаќинство може да оди во набавки „секој втор ден“, додаваат тие во соопштението.
Сите компании кои не се од најголема нужност, освен трговските центри, маалските продавници и медицинските установи, добиле наредба да се затворат.
Градот веќе воведе значителни ограничувања за движење, а во вторникот почна да ги следи движењата на сите свои жители.
Деведесет станбени области превентивно се изолирани без да се знае колкав е бројот на лица опфатени со мерката.
Пред да бидат објавени информациите за воведување карантин, жителите на Ксиан од средата наутро морале да имаат дозвола за влез во воз и излез од градот, објави јавната телевизија ЦЦТВ.
Повеќе од 85 отсто од летовите до и од Ксиан се откажани, објави специјализираната веб-страница Варифлајт.
Кина, каде што пред две години беа откриени првите случаи на коронавирус, досега добро ја контролираше епидемијата на своја територија.
Претходно овој месец, Кина го пријави првиот случај на исклучително заразната омикрон варијанта на коронавирусот.