Активностите на Израел во Газа отидоа „надвор од опсегот на самоодбрана“ и израелската влада мора „да престане со колективното казнување на луѓето во Газа“, изјави денеска кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
-Израел треба сериозно да ги послуша повиците на меѓународната заедница и генералниот секретар на ОН и да престане со колективното казнување на луѓето во Газа – рече тој.
Висок израелски функционер, пак, го обвини Иран дека се обидува да отвори втор воен фронт со распоредување оружје во или преку Сирија додека Израел ја засилува својата операција во Газа на југ.
Сирија го обвини Израел дека изминатите денови извршил напади врз аеродромите во Дамаск и Алепо.
Иранскиот министер за надворешни работи вчера се сретна во Катар со лидерот на Хамас Исмаил Ханије и разговараа за смртоносниот напад на палестинската милитантна група врз Израел и се согласија да продолжат со соработката за да се постигнат целите на групата.
За време на нивната средба во катарскиот главен град Доха, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан го поздрави упадот на Хамас во Израел како историска победа што ја смени израелската окупација на палестинска територија.