Мисури денеска стана првата сојузна држава во САД која ја тужи Кина поради пандемијата со коронавирусот од која претрпела огромни загуби на човечки животи, страдање и економска криза, пренесува „Ројтерс“.
Тужбата е поднесена до федералниот суд од страна на државниот обвинител на Мисури, Ерик Шмит, кој е на страната на републиканската партија, исто како и претседателот Доналд Трамп.
-Кинеската влада го излажа светот за опасноста и природата на вирусот ковид-19, замолкнуваше свиркачи и направи малку за да го спречи ширењето на болеста. Мора да одговараат за своите постапки“, изјави Шмит.
Ова е прво обвинување на тема коронавирус кое завршува со тужба, но властите во САД изминатиов период постојано прстот го вперуваа кон Кина.
И Доналд Трамп испраќаше предупредувања кон кинеската влада за евентуални последици доколку била „свесна за одговорноста“ за пандемијата на коронавирус.
Во меѓувреме, 22 републикански конгресмени побараа од јавниот обвинител на САД, Вилијам Бар, државниот секретар Мајк Помпео и од претседателот Доналд Трамп, да покренат постапка против Кина во Меѓународниот суд на правдата во Хаг за дејствата на оваа земја за време на пандемијата.