Кина во последно време акумулира ресурси, но и подготвува армада фериботи и цивилни бродови, поради што некои аналитичари шпекулираат дека можеби се подготвува за војна со Тајван.
„Се чини дека кинескиот претседател го проучувал планот за санкции што Западот и ги наметна на Русија поради нејзината инвазија на Украина, а потоа започна долгорочни заштитни мерки во случај кинеската економија да се најде под сличен притисок“, изјави пензионираниот адмирал на американската морнарица Мајкл Студман.
Кина го смета демократскиот Тајван за дел од својата територија и вети дека ќе го стави островот под своја контрола, можеби со сила, а американските разузнавачки агенции веруваат дека Си Џинпинг и наредил на кинеската војска да биде подготвена да го окупира островот до 2027 година.
Кина складира различни ресурси, вклучително и злато. Цените на овој благороден метал достигнаа рекордни нивоа во последните неколку месеци. Во април, Народната банка на Кина ги зголеми златните резерви 18-ти месец по ред.
„Златните резерви отсекогаш биле важен дел од меѓународните резерви на Кина“, изјави за Newsweek Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во САД.
„Од долгорочна и стратешка перспектива, Кина динамично ја прилагодува распределбата на девизните резерви по потреба со цел да овозможи сигурност, ликвидност и да ја зголеми вредноста на девизните резерви“, додаде тој.
Кинеските власти ги полнат и резервите на нафта. Минатата година Кина купуваше рекордни 11,3 милиони барели дневно. Треба да се напомене дека ова зголемување од 10 отсто доаѓа во услови на зголемена побарувачка за гориво по завршувањето на тешките ограничувања во Кина од ерата на пандемијата.
„Кина се обидува да го ублажи ризикот од потенцијално ембарго на храна и енергија со полнење на резервите на нафта и изградба на електрани на јаглен“, смета Студеман. Тајван јавно не коментираше за складирањето на Кина.
Кина подготвува армада фериботи и цивилни бродови за да го нападне Тајван, пишува The Telegraph. Народноослободителната армија нема амфибиски летала потребни за инвазија како слетувањето на Денот Д, но недостигот од такви летала може да го надомести со цивилни бродови, вклучително и десетици огромни фериботи, секој способен да носи стотици оклопни возила.
Пред една деценија, Пекинг издаде технички упатства за бродоградителите да направат многу цивилни бродови погодни за воена употреба и се верува дека има интегрирани фериботи, танкери и контејнерски бродови во командната структура на војската.