Кина, како што објави државната телевизија, започнала големи воени маневри околу Тајван, во кои се користи и боева муниција. Вежбите следуваат како реакција на посетата на американската политичарка Пелоси на островот.
Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека ситуацијата се следи со внимание, дека воените сили на островската држава ќе дејствуваат според принципот „подготовка за војна, но желба да нема војна“, тајванската страна нема да предизвикува ескалација на конфликтот.
Фактичкиот размер на воените маневри уште не е познат. Кинеското комунистичко раководство за можни зони на воени маневри прогласи шест области околу Тајван, дел од нив се преклопуваат со тајванските територијални води. Не е целосно јасно што ќе значи ова за цивилниот бродски и авионски сообраќај. Тајван стравува од поморска и воздушна блокада преку најавените маневри.
Доколку се остварат заканите, можно е да бидат истрелувани ракети во водата само неколку километри пред тајванскиот брег. Освен тоа, државното и партиското раководство во Пекинг воведе економски санкции против демократски управуваниот остров. Во Кина е забранет увоз на бројни прехранбени производи од Тајван. Од Кина пак меѓу другото не смее веќе да се извезува песок во Тајван, важна суровина за градежната индустрија.
Комунистичкото државно раководство Тајван го смета за дел од својата државна територија и е гневно поради посетата на американската политичарка Ненси Пелоси, претседателка на Претставничкиот дом на САД. Со недели претходно претставници на Народна Република Кина со остри зборови предупредуваа да не дојде до таква посета, а реториката во изминативе денови крајно се заостри.
Посетата на Пелоси е многу коментирана и на социјалните мрежи, при што доминираат националистички тонови, но и иронија и хумор. Платформата за кратски вести Веибо не беше достапна поради преоптоварување со часови во време на стигнувањето на Пелоси на Тајван.