Кина и Белорусија се согласија да ја зајакнат соработката во низа сектори, вклучително трговијата, безбедноста, енергијата и финансиите, се вели во заедничката изјава по средбата на кинескиот премиер Ли Кианг со белорускиот премиер Роман Головченко во Минск.
Во соопштението објавено денеска, еден ден по состанокот во Минск, се вели дека двете земји, исто така, ќе ја зајакнат соработката во индустриските синџири на снабдување и ќе продолжат да ја олеснуваат трговијата за да ги намалат трошоците за двете страни.
Белорусија, исто така, има намера да ја продлабочи соработката со регионот Гуангдонг-Хонг Конг-Макао, мегалополис кој се состои од девет градови, вклучувајќи ги Гуангжу, Шенжен и Жухаи, се вели во соопштението објавено од кинеското Министерство за надворешни работи.
Според Чајна Дејли, Белорусија беше меѓу првата група земји што одговори на кинеската иницијатива „Појас и пат“, а Ли рече за време на посетата на Минск дека односите меѓу Кина и Белорусија останаа добри во изминатите 32 години и покрај променливиот меѓународен пејзаж.
Кина е втор најголем трговски партнер на Белорусија и нејзин најголем трговски партнер во Азија, со билатерална трговска размена над 8,4 милијарди долари минатата година, пишува China Daily.
Ли пристигна во Белорусија вчера, откако ја заврши својата прва посета на Русија како кинески премиер.