Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, наводно, наредил егзекуција на 30 функционери поради неуспехот да спречат големи поплави и лизгање на земјиштето во кои загинаа 4.000 луѓе.
Како што пишува Њујорк Пост, официјален претставник на севернокорејскиот режим изјавил дека меѓу 20 и 30 функционери во Северна Кореја се обвинети за корупција и небрежност, а државата ги осудила на смрт, јави јужнокорејската ТВ Чосун.
„Утврдено е дека на крајот на минатиот месец во исто време биле егзекутирани 20 до 30 кадри од погоденото подрачје од поплавите“, изјави функционерот за медиумите.
„Њујорк пост“, сепак, наведува дека извештаите за егзекуциите не биле веднаш потврдени од независни извори.
Централната новинска агенција на Северна Кореја претходно објави дека Ким Џонг Ун им наредил на властите „жестоко да ги казнат“ службениците по катастрофалните поплави што ја погодија провинцијата Чаганг во јули, при што загинаа околу 4.000 луѓе, а повеќе од 15.000 се раселени.
Службениците кои биле егзекутирани не се идентификувани, но во извештајот се вели дека Канг Бонг-хун, секретар на Комитетот на партијата на провинцијата Чаганг од 2019 година, е меѓу функционерите кои што Ким ги сменил на итен состанок за време на катастрофата.
По средбата со Ким, поранешниот севернокорејски дипломат Ли Ил-Гју за ТВ Chosun изјави дека е јасно дека официјалните лица во покраината се „толку исплашени што не знаат кога ќе им паднат главите“.
Минатиот месец, Ким беше виден како ги обиколува погодените области и се среќава со жителите, проценувајќи дека ќе бидат потребни неколку месеци за да се обноват поплавените населби.
Севернокорејскиот лидер, исто така, ги осуди извештаите од Јужна Кореја за бројот на загинати, отфрлајќи ги тврдењата дека загинале илјадници луѓе.
Ова не е прв пат да се појават извештаи дека Ким нареди смена на службеници поради нивните неуспеси.