Односите меѓу Руската Федерација и КНДР влегуваат во период на нов просперитет, изјави Ким по првиот дел од разговорот со Путин, пренесува руски Тасс.
„Односите меѓу нашите земји влегуваат во период на нов висок просперитет, кој не може ниту да се спореди со периодот на корејско-советските односи во минатиот век“, рече Ким Џонг-ун. Тој изрази уверување дека за време на посетата на Путин „огненото пријателство на двете земји монолитно ќе зајакне“.
Севернокорејскиот лидер срдечно го поздрави својот гостин на почетокот на преговорите. Тој истакна дека оваа посета го потврдува квалитетот на руско-корејските односи, кои влегоа во период на најголем развој. Според Ким Џонг-ун, оваа посета е историски момент и има најважно стратешко значење во историјата на руско-корејските односи.
Ким Џонг-ун привлече внимание на тоа како шефот на руската држава беше пречекан од обичните жители на Пјонгјанг.
„Мислам дека ентузијазмот што ви го покажаа нашите жители уште еднаш го потврдува вистинското ниво на нашите односи“, рече тој.
Ким Џонг-ун рече дека Русија „одржува стратешка рамнотежа во светот“.
„Владата на Демократска Народна Република Кореја ја цени важната мисија и улогата на силната Руска Федерација во одржувањето на стратешката стабилност и рамнотежа во светот, а исто така изразува целосна поддршка и солидарност на руската влада, армија и народ во спроведувањето на посебна воена операција во Украина за заштита на суверенитетот, безбедносните интереси, како и територијалниот интегритет“, нагласи Ким Џонг-ун.