Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека Јужна Кореја е „странска и јасно непријателска земја“, објави утринава официјалната агенција КЦНА.
Тој исто така рече дека детонирањето на патиштата и железничките пруги што ги поврзуваат Северна и Јужна Кореја го означува „крајот на штетните односи“ со Сеул. Ким подвлече дека не станува збор само за „физичко затворање“ на пристапните патишта „туку за крај на штетните односи со Сеул“.
Во вторникот Северна Кореја ги разнесе патиштата и железничките пруги што ги поврзуваат двете земји.
Ким Џонг Ун вчера го посети штабот на Вториот армиски корпус за да разговара за одбранбените планови, пренесе КЦНА.
Во таа прилика Ким нагласи дека севернокорејската војска „мора да има на ум“ дека Јужна Кореја е „странска земја и јасно непријателска земја“.