Северна Кореја распореди војници и тешко вооружување за да ги чува позициите долж границата со Јужна Кореја по суспензијата на воениот договор меѓу земјите, објави денеска новинската агенција Јонхап.
Повикувајќи се на јужнокорејски воени претставници, новинската агенција Јонхап објави дека биле забележани севернокорејски војници како враќаат тешко оружје на границата на Демилитаризираната зона (ДМЗ) и поставуваат стражарски пунктови што двете земји ги демонтираа по договорот за деескалација.
Северна Кореја денеска предупреди дека ќе продолжи да ги остварува своите суверени права, вклучително и лансирање сателити, бидејќи нејзините сили, наводно, обновуваат некои урнати стражарски пунктови на границата со Јужна Кореја. Северна Кореја минатиот вторник објави дека успешно го лансирала својот прв шпионски сателит во орбитата и вети дека ќе лансира уште повеќе во блиска иднина.
Нејзиното министерство за надворешни работи тврди дека лансирањето било поттикнато од потребата да се набљудуваат САД и нивните сојузници, објави државната новинска агенција КЦНА.
„Тоа е легално и е само начин на искористување на правото на самоодбрана и е одговор на прецизното следење на воените дејствија на САД и нивните следбеници“, се вели во извештајот на КЦНА.
Јужна Кореја одлучи да суспендира дел од воениот договор што го потпиша со Пјонгјанг во 2018 година, откако Северна Кореја ги игнорираше предупредувањата од САД и нивните сојузници и лансираше шпионски сателит. Јужна Кореја проценува дека Северна има околу 160 стражарски места долж ДМЗ, а Јужна 60. Секоја страна собори по 11 по воениот договор потпишан во 2018 година.