Актерот Кирил Поп Христов, познат во јавноста како Кили, го замени животот на плажите во Еквадор со даските на Македонскиот народен театар. Тој веќе неколку месеци бил вработен во МНТ, каде пред неколку години му беше прекинат ангажманот.
Неговата сопруга, Гордана Деан Поп Христова, која што е танцов кореограф и ќерката Јоана останале во Еквадор. Постарата ќерка на Гордана, актерката Нина Деан, исто така е во Скопје и работи во МНТ.
-Кили не се враќа во Еквадор, бидејќи се вработи во Македонскиот народен театар. Јоана и јас сме тука, за месец дена ја очекуваме приновата и секако дека ќе останам да помогнам околу бебето – за ,,Фокус” раскажува кореографката и професорка по современ танц, која е во исчекување на своето прво внуче.
Како мало потсетување, кон крајот на март годинава, нивната ќерка Јоана се омажи за Родригез Сориа, бармен од Монатнита, Еквадор. Тогаш Кили на социјалните мрежи порача дека е пресреќен поради своето девојче кое ја пронашло љубовта на својот живот, но и како се радува на внучето за кое верува дека ќе биде маестрален производ на една голема љубов.
Но, и покрај тоа што во Еквадор, каде живее од 2014 година има мирен и исполнет живот, Гордана вели дека многу и недостига постарата ќерка Нина, со која се немале видено повеќе од две години.
-Премногу ми недостига Нина, ми недостигаат пријателите… Се надевам дека еден ден ќе се вратам и јас во Скопје, но сега се подразбира дека во исчекување на бебето, останувам овде, да и помогнам на Јоана – ни раскажа таа.
Иако веќе подолг период не е присутен на јавната сцена, Кили е секогаш интересен за јавноста. Познат е по својата искреност, како личност без влакна на јазикот, кој не се плаши да ја каже вистината, колку и да е груба. Неговите изјави и појавувања во јавноста секогаш го привлекуваат вниманието на народот, и покрај тоа што актерот со години наназад не е активен со театарска улога.
Вики Клинчарова