Ме загрижува одредената опуштеност, но од друга страна со смиреност и професионалност и со план ќе се справиме, чекор по чекор со било која ситуација и да произлезе, вели министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во интервјуто за грчката телевизија „Стар“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на позитивните случаи на Ковид-19 кај туристи кои доаѓаат во Грција, Кикиљас вели дека повеќето се од копнената граница.
-Процените се дека до денес, повеќе случаи имаме од патните мрежи што водат до нашите граници, отколку од летовите од авиолиниите. Сепак, ова е динамично и може да се смени, да се менува во секој момент, рече Кикиљас и порача дека и грчките граѓани и туристите треба да бидат внимателни и да ги почитуваат мерките за лична заштита.
И покрај зголемениот број случаи во Грција во изминатите денови, министерот за здравство потенцира дека ситуацијата е под контрола и „нема да оставиме да излезе од контрола“.
Додава дека Комисијата за заразни болести секојдневно има состаноци и на дневна и седмична база ги разгледува и оценува епидемиолошките податоци.