Кики – тинејџерска атракција која ги воодушеви и возрасните!

by fokus

Лe… Лео, Лео e нaj, бев кај него на чај, заедно сега летаме… подзаборавените хитовски стихови кои кон средината на осумдесеттите години ги пееше цела поранешна Југославија, деновиве повторно станаа актуелни.
За помладите генерации песната е убаво освежување на музичката сцена, додека пак за постарите, кои се сеќаваат на оригиналната изведба на ,,Лео”, песната спакувана во ново, помодерно руво, е еден вид на носталгично навраќање на минатите времиња.

,,Лео” е песна која на Калиопи Букле и донесе огромна популарност во поранешна Југославија и награда за најдобра изведба на реномираниот фестивал Опатија во 1985 година. Токму со ,,Лео” на тогашниот бенд ,,Калиопи” на чело со неа и Ромео Грил, Марга Вешковска и Зоран Ристевски ширум им се отворија вратите на југословенската музичка сцена.

Сега, 27 години подоцна, обработката на ,,Лео” ја изведува тинејџерската атракција Кики Мукаетова, 14-годишно девојче кое пошироката јавност го запозна преку серијалот ,,Дајте музика”.

Со аранжман прилагоден на сегашните музички трендови, а сепак со задржана автентичност на легендарниот ритам, композиторот Александар Митевски и Кики ја раздвижија тинејџерската музичка сцена во земјава, а истовремено ги израдуваа и повозрасните генерации кои добро се сеќаваат на успехот на песната.

За истата во 1986 година беше снимен и видео запис во кој покрај Калиопи се појавува и легендарниот Дадо Топиќ со сопругата Мира, а пак во видео записот на Кики, се појавуваат членови на танцовото студио Еурека.

Кики, која минатата година ја претставуваше Македонија на Детски Евросонг во Франција, со песната ,,Green forces” заедно со Михо, Анастасија и Филип, сега за прв пат пее сама. Нејзиниот енергичен настап, интересниот спот, како и харизмата, беа доволни песната да започне да се врти во етерот, а тинејџерите добија свој идол.

За ,,Фокус” таа раскажува дека првата посериозна средба со музиката и се случила во радио емисија со Ивце Пивце, но покрај музиката, таа е вљубеник и во актерството.

Деновите и се исполнети со музика, танцување и актерство, а како еден вид на амбасадор на младите генерации, потсетува и на општествено одговорните проекти кои со радост ги прифаќала.

Од неодамна стартуваше и нејзината веб страница www.kiki.mk каде јавноста може да се информира за сите актуелности и идни проекти на Кики.

-Сонувам за поубав свет. Мојот сон станува реалност преку актерството, танцот и музиката. Сцената е мојот втор дом, а публиката е мојата движечка сила, порачува таа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости