Кики сними божиќна песна: Да ги стоплиме сите срца за празниците!

by Fokus

Кики Мукаетова, надежната тинејџерска музичка атракција, која годинава ја одбележа со низа на успешни проекти, ја промовираше празничната песна „Божиќ за секој од нас“.

Станува збор за песна која ги топли срцата за празниците, и зад неа стои докажан авторски тим. Кики ја изведува заедно со Илија Јовчев, гости се децата од хорот на „Златно славејче“, Горан Папаз на саксофон, Ана Костова и Александар Митевски.

Митевски ја создал песната заедно со текстописецот Огнен Неделковски во далечната 2009 година, за хуманитарна кампања, а сега е оживеана во ново руво. Мукаетова лани ја претставуваше Македонија на Детски Евросонг во Франција, со песната „Green forces“ заедно со Михо, Анастасија и Филип, а за прв пат запеа сама во септември, кога го промовираше хитот на Калиопи, „Лео“ во модерен аранжман.

Песната беше прифатена од младите, но и од повозрасните генерации, а младата девојка, која јавноста ја запозна како дел од серијалот „Дајте музика” со својата харизматичност ги освои симпатиите на публиката. Уште тогаш за ,,Фокус” раскажа дека иако има 14 години, и деновите и се исполнети со музика и танцување, и потенцираше дека од се срце ги прифаќа општествено одговорните проекти, ширејќи ја пораката за важноста на солидарноста, која се учи од најрана младост.

Пред неколку недели пак, информираше дека станала СОС пријател, и сите хонорари кои ги заработила од актерство и музика изминатиот период, ги донирала на СОС Детско село.

-Сакам поддршката која ја имам јас, да ја имаат и децата без родителска грижа. Јас ќе продолжам да донирам, а истото може да го направите и ВИЕ! Насмевка, прегратка, подадена рака… Убаво е кога некого ќе направиш среќен-порача Мукаетова.

Таа ќе биде дел и од настанот на Ракометната Федерација на Македонија, кој ќе се одржи на трети јануари 2023 година во спортскиот центар „Борис Трајковски“ и истиот ќе биде од хуманитарен карактер. Покрај квалитетен ракомет, предвидена е и забавна програма, а приходите од продажбата на билетите, Ракометната федерација на Македонија ќе ги донира на „СОС Детско село“ од Скопје, која организација во моментов поддржува повеќе од 394 деца и млади кои се без родители и родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители.

Вики Клинчарова

Поврзани новости