Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, ги потврди информациите објавени во косовските медиуми дека синоќа имало пукотници во близина на нејзина патрола кај Зубин Поток во северно Косово, каде што локалните Срби имаат поставено барикади на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштение до медиумите, КФОР наведува дека станува збор за патрола со војници од Летонија и дека во иннцидентот немало повредени.
– Во моментов можам да кажам дека пред неколку часа патрола на КФОР, која што била на задача во околината на Зубин Поток, слушнала и видела неколку пукотници во своја близина. Нема повредени и нема материјална штета. Сега ги проверуваме фактите и накнадно ќе објавиме дополнителни информации, се вели во соопштението.
Со ова КФОР го демантира лидерот на најголемата партија на косовските Срби, Српска Листа, Горан Ракиќ, кој за белградската телевизија Пинк изјави дека се работи за дезинформација и дека кај Зубин Поток немало никакви пукотници.