Новинарот Томислав Кежаровски во изјава за „Фокус“ вели дека слоганот за денешниот марш на ВМРО-ДПМНЕ „За правдината и татковината“ е збунувачки, бидејќи токму Никола Груевски ги осуди насилниците од 27 април и побара тие да бидат изведени пред Суд.
-Денешниот марш за „Правдината и татковината“ е обид, речено со јазикот на политичарите, „да се стори нешто“. За мене, искрено, збунувачки делува слоганот кога, токму по настанот за кој што се притворени лицата во чија заштита се „маршира“, тие беа обвинети од страна на предводникот на денешните случувања. И, истиот тој, господинот Никола Груевски, побара истражните органи до крај да го расчистат случајот. Увереноста дека „никој ништо не ни може“ ги одведе до ова дереџе Богдан Илиевски, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски, ама и Митко Чавков и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов, Жаклина пешевска, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Урнисување на правната држава, крадењето, насилствата, убиствата и заканите…се се тоа кривични дела. Кај нас, за жал, ненормалното стана нормално. А, тоа мора да исчезне. Час поскоро, вели Кежаровски.
Тој додава дека точно е дека во изминатиов период правдината била погазена и има многу работи за расветлувања, а расчистувањето на 27 април е голем тест за правната држава.
-Јас би ги повикал не само „тие“, или не само „оние“, туку сите да бидеме пиреј. Сите заедно да бидеме за правдината и за татковината. Оти во изминатиов период правдината не беше, како што стои во прогласот, погазена, туку прегазена. Татковината, навистина ни е ослабена. Ама таа, уверен сум, може да оди напред. Затоа што ние сите заедно, сите од ред, знаеме и умееме како да го направиме тоа. Упадот во Собранието и нападот на пратениците отвори многу прашања на кои треба сите заедно да бараме одговор. Има многу работи за расплеткување. Нема друг пат. Расчистувањето на случајот од 27 април е голем тест за правната држава. Ако во овој случај судството успее да делува независно од политиката, има надеж за нас. Се друго е мачкање очи, изјави Кежаровски.
Иако во нејговиот случај немаше правично судење, тој бара да има фер судење за осомничените за 27 април.
-Санкции да, но доколку навистина некој сторил нешто незаконски. Патем да се почитуваат човековите права, ако веќе има да има фер судење и да има достојна примена на законите. И сосема на крај, од политиката човек може да избега, ама од правдата не може и не смее, заклучува Кежаровски.
К.С.