Кевин Спејси ги негира наводите за сексуално злоставување, изјави неговиот адвокат денес кога оскаровецот првпат се појави пред британскиот суд.
Минатиот месец, обвинителите го одобрија обвинението против 62-годишниот Спејси по четири точки од тужбата за сексуален напад врз тројца мажи и уште една точка за поттикнување на пенетративен сексуален чин без согласност.
Обвинителите тврдат дека Спејси го принудил мажот на орален секс.
Пред судницата во Лондон го пречекаа бројни претставници на медиумите преку кои обезбедувањето на актерот мораше да пробие за Спејси да успее да влезе во судницата.
Странските медиуми пишуваат дека тој не покажал емоции.
„Г-дин Спејси силно ги негира сите обвиненија во случајот“, изјави пред судот неговиот адвокат Патрик Гибс.
Гибс рече дека актерот одговорил на сите обвиненија пред три години во САД и дека целосно соработувал со истрагата.
Доколку биде осуден за сексуален напад, му се заканува затворска казна од шест месеци и парична казна, но поради другото дело кое се однесува на сексуален однос без согласност може да добие и казна од доживотен затвор.