Американскиот актер Кевин Костнер (68) и неговата сопруга Кристин Баумгартнер објавија дека се разведуваат по повеќе од 18 години брак.
Претставникот на Костнер, Арнолд Робинсон вчера за Си-Ен-Ен изјави дека има околности кои се надвор од контрола на Костнер што го натерале да учествува во разводот.
Костнер се ожени со Баумгартнер во Колорадо во 2004 година.
Многумина беа изненадени од веста дека познатиот актер се разведува од сопругата, но Дејли Мејл информира дека Кристин е таа што го поднела барањето, наведувајќи ги непомирливите разлики.
Со сопругата, поранешна американска манекенка која е 17 години помлада од него, имаат три деца – синовите Кајден (15), Хејс (14) и 12-годишната ќерка Грејс, над која побарале заедничко старателство.
„Се случија околности надвор од негова контрола, што резултираа со тоа што г-дин Костнер мораше да учествува во постапката за развод. Тој е многу тажен поради тоа. Бараме да се почитува неговата, приватноста на Кристина и нивните деца додека минуваат низ овој тежок период“, пишува изјавата на претставникот на Костнер.
За Костнер ова е втор брак. Пред Кристин беше во брак со Синди Силва, со која има три деца – Ени (39), Лили (36) и Џо (35).