Адвокатката Ирина Боровиќ, која ги застапува родителите на момчето К.К. кое изврши масовно убиство во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград во населбата Врачар, изјави дека од денес тој има статус на оштетен во судскиот процес против неговите родители.
К.К. го добил тој статус затоа што неговите родители се обвинети за кривично дело занемарување и злоставување на малолетно лице, на негова штета, што им е ставено на товар со проширеното обвинение, пренесува N1.
Обвинетите Владимир и Милјана Кецмановиќ денес ги изнесоа своите одбрани во врска со проширувањето на обвинението, по кое им се товари кривичното дело запуштање и злоставување на малолетно лице.
Како што медиумите пренесуваат, по расправата адвокатката на Кецмановиќ изјавила дека од денес малолетниот К.К. официјално има статус на оштетен поради проширеното обвинение. Кривичната постапка во случајот „Рибникар“ е затворена за јавноста, дури и адвокатите не можеле да ги изнесуваат деталите од тоа што се случувало во судницата, што е случај од самиот почеток на процесот.
Обвинителството го прошири обвинението, по кое Владимир Кецмановиќ се товари за кривичното дело, „тешко дело против општа безбедност“, додека неговата сопруга е обвинета за недозволено поседување и носење оружје.
Милјана Кецмановиќ пристигнала слободна на судењето, додека пак нејзиниот сопруг бил пренесен од притворот, каде што се наоѓа од апсењето на 3 мај минатата година.
Проширеното обвинение следело по испитувањето на малолетниот извршител на убиството, К.К. Во оваа постапка покрај тоа што се суди на родителите на момчето, Владимир и Милјана Кецмановиќ, опфатен е и инструкторот на стрелиштето, Немања Маринковиќ – обвинет за кривично дело лажно сведочење.
Судскиот процес продолжува на 9 декември.