Имајќи ги во предвид случувањата во изминатиов период во рамките на албанскиот дел од политичките структури во Македонија, како инцидентот во Гошинце, бомбата фрлена кон штабот на ДУИ во Мала Речица, како и доставувањето на список од 50 тина лица на Али Ахмети на косовските власти, терористичкото делување во Куманово е порака кон албанскиот политички естаблишмент, смета Златко Кесковски, универзитетски професор на Факултетот за безбедност при ФОН и своевремено висок функционер во МВР.
– Мислам дека оваа терористичка група, според нејзиниот состав кој е преставен во јавноста од познати воено – криминални структури, нема политичка поддршка ни политичка логистика, но секако оставам простор по распитот на уапсените учесници да се расветли целиот овој случај – вели тој.
За разлика од 2001 година, кога ОВК дејствата ги извршуваше главно во планински и рурални средини, Кесковски посочува дека сега теренот се префрлува во урбана средина, која е исклучително тешка по сите полициски стандарди на борба и елиминација на терористички групации.
– Мислам дека македонската полиција исклучително професионално изведе акција на елиминација на голема терористичка група во урбана средина, без притоа да има цивилни жртви за кои и највеќе се води сметка во ваквите случаи. Треба да им се оддаде почит на загинатите полицајци во оваа акција и да им се заблагодари на сите учесници во неа – нагласува универзитетскиот професор и поранешниот висок полициски функционер.
Споерд него, тајмингот на оваа добро обучена група за изведувањето на терористички акти низ територијата на државата кон средината на мај се поклопува со најавениот голем протест на опозицијата.
– Ослабените полициски сили и нивниот ангажман за време на еден собир од поголем карактер се извонредна прилика за извршување на терористички акти на повеќе локации на територијата на Македонија, гледано од стратешко-безбедносна страна – истакнува Кесковски.