Лепа Тасева (25) е помеѓу 59-те жртви во пожарот во Кочани. Денес претпладне таткото на младата девојка за медиумите изјави дека во клубот Пулс биле двете негови ќерки. Едната се спасила, со повреди, а по другата, Лепа, се трагало.
Пред малку пак, тој објави дека Лепа е помеѓу починатите.
Инаку, ова не е прва трагедија во фамилијата Тасеви. Јавноста се сеќава на грозоморното убиство кое се случи во Кочани на 25-ти септември 2023 година. Беше убиена Танкица Младеновска (46) од страна на Усеин Рашидов (59) со 42 убоди од нож пред нејзиниот дом.
Убиството се случи во раните утрински часови, кога жената излегла од домот и тргнала да оди на работа во конфекцијата каде била вработена подолг период.
Убиецот беше уапсен, и се открија стравичните детали дека со години ја уценувал Танкица и од неа изнудувал пари. Собрала храброст и го пријавила во полиција, од каде го повикале на разговор и го пуштиле.
Блиски луѓе на убиената жена за ,,Фокус” сведочеа дека ако Танкица била сериозно сфатена од институциите и ако тие реагирале соодветно, ќе била избегната трагедијата.
Набргу по настанот ,,Фокус” разговараше и со Лепа, ќерката на Танкица. Таа ни кажа дека семејството не сака да излегува во јавност, но каква и да биде пресудата на убиецот, нема да биде доволна. На прашањето дали ќе бараат одговорност од службите кои затаиле во случајот, кажа дека веќе се напразно.
-Ние, како фамилија, си велиме дека има Господ на небото, има Господ на земјата… Нема што повеќе да кажеме, ни изјави младата девојка минатата година.
Убиецот на нејзината мајка беше осуден на казна доживотен затвор, и во време додека течеа жалбените постапки, во јуни 2024 година, тој се самоубил во притворската ќелија во Затвор Куманово.
Вики Клинчарова