Ќерката на Есма Реџепова Теодосиевска, пејачката Елеонора Мустафовска, заедно со нејзиниот сопруг Оливиер Бони отворија спомен соба во Брисел, во чест на Есма и Стево. Нивната организација “ESMA- CARREFOUR DE CULTURES”, која што е главен организатор на оваа егзибиција, имала во план да го презентира овој проект во повеќе градови низ Европа.
Симеон Атанасов, кој е едно од момчињата кои Есма и Стево ги одгледаа, и кој и беше менаџер до крајот на нејзиниот живот, е иницијатор на проектот. Тој за ,,Фокус,, вели дека е горд поради настанот, но истовремено е и огорчен бидејќи голем дел од работите на Теодосиевски, како што се накит, фустани, инструменти, дипломи и слично, не можат да бидат изложени во спомен собата, бидејќи биле украдени од нивниот дом.
-Со големо задоволство ве известувам дека во Брисел, на први октомври се отвори спомен соба на големите уметници и хуманисти Есма и Стево Теодосиевски. За оваа идеја ме поттикна моето незадоволство од сегашната власт која што не покажа никаков интерес за музејот на Есма и Стево Теодосиевски, кој што тие го тие го завештија на Македонија.
-Мојата идеја немаше да стане реалност без големата подршка на на г-динот Оливиер Бони и неговата сопруга Елеонора Мустафовска. Нивната организација “ESMA- CARREFOUR DE CULTURES”, која што е главен организатор на оваа егзибиција, има во план да го презентира овој проект во повеќе градови низ Европа –вели Атанасов.
Појаснува дека во Брисел од први до 15-ти октомври ќе бидат изложени фотографии, неколку фустани кои што Есма ги носеше на своите концерти, накит, последната книга на авторот Славе Катин итн…
-За жал, не успеавме да сочуваме многу работи за да изложиме, но се надевам дека еден ден ќе бидат казнети тие што бесправно однесоа се што беше вредно од долгогодишната кариера на Есма и Стево Теодосиевски.
Апелирам до надлежните институции, ,,Господо”, нека ви биде ова уште еден поттик да го решите судскиот спор кој што трае речиси пет години. Есма и Стево Теодосиевски заслужуваат многу повеќе затоа што се единствени уметници кои што го оставија цел свој труд на Македонија – вели музичарот.
Елеонора пак, која е единственото девојче помеѓу 42-те момчиња кои Есма и Стево ги одгледаа, вели дека и значи што може да направи нешто во чест на уметницата.
-Премногу ми значи и сум многу среќна што воопшто можам нешто да направам за мама Есма, затоа што таа направи многу за мене, таа заслужува многу повеќе од ова. Креиравме организација со мојот сопруг Оливиер Бони, под назив, “ESMA- CARREFOUR DE CULTURES”, затоа што ни е од премногу големо значење да се направат уште многубројни проекти, кои ќе ја опфаќаат ромската култура и традиција.
И сопругот на Елеонора, Оливиер Бони раскажува дека е среќен што со нивната организација направиле да се откријат повеќе детали за животот и кариерата на Есма, која беше важна фигура на балканската и ромска музика.
-Моравме да бидеме трпеливи затоа што годинаипол нашите активности, нашите желби, беа во мирување, но сега почнува! Оваа изложба е едно место за откривање, за средби кои поддржуваат размена и дијалог помеѓу заедниците, помеѓу народите. Музиката и уметноста не познаваат граници и ние сакаме изложбата да патува во други градови и земји. Исто така да им се даде гордост на луѓето кои премногу често се сметаат за изолирани од општеството, кога има многу уметници и творци меѓу ромите, ова е она што Есма го демонстрираше 55 години – порача Бони.
Вики Клинчарова