Келе, ловецот на змии за ,,Фокус’’: Ова е само почеток, ќе се изнагледаме на змии летово!

by Fokus

Скендер Јусуфов (45) од неготинското село Криволак, познат помеѓу народот како Келе Змијата, поради способноста со шепотење да лови змии отровници, за ,,Фокус’’ појаснува дека наездата на влекачите која ги испаничи граѓаните последниве неколку дена е нешто сосема очекувано.

Вели дека змиите ги има во голем број бидејќи зимата беше блага, но како ова е само почеток, а во наредниот период ќе излегуваат во поголем број.

-Телефонот постојано ми ѕвони веќе со недели. Ми се јавуваат преплашени луѓе од сите краеви на земјава. Посебно во Тиквешијата, буквално врие од змии. Вчера во Кавадарци ловев змија која влегла во куќата на полицаец, домашните во паника, но бргу ја фатив. Во Неготино исто така многу граѓани ме бараа овие недели. Змии се шетаат и на спортски игралишта, во дворови, покрај кејот, влегуваат во автомобили, викендички, куќи. И во месец јануари ги имаше. На скопјанец му влегла во стан среде зима и ме повика да ја заловам. Пред некој ден ми се јавија и од селско училиште во близина на Прилеп. Насекаде ги има – раскажува Келе.

Тој појаснува дека овој период змиите се доста лути, бидејќи биле прегладнети од зимата. Затоа и се случувало да каснат човек или куче. Токму поради топлата зима ги имало во голем број дури и во урбаните средини, а како времето се затоплувало, тие ќе излегувале помасовно.

-Ова е само почеток. После оваа зима, граѓаните нека бидат спремни на средби со змиите. Апелирам на внимателност кога се оди во поле, на нива, да се затвораат прозорците на автомобилите, иако оваа пролет имаше повеќе случки кога змиите влегуваат во моторот на автомобилите или пак околу гумите, и така луѓето без да знаат ги носат во градот. И кога се оди во викендичка, многу да се внимава. За само неколку недели заловив десетици змии, имаме вистинска наезда – појаснува Јусуфов.

Вели дека граѓаните кои поставиле сензор за змии и глодари околу викендичките да не бидат премногу опуштени, бидејќи ловел змии и на места каде ги имало сензорите, затоа што повеќето змии не реагирале на нив. Не помагало ниту расфрлањето на сода бикарбона или лук во дворовите, и потенцира луѓето да бидат внимателни, без разлика на тоа што користат средства против влекачите. Оваа пролет фатил многу смокови, поскоци и шарки. -Смокот е доста застапен кај нас. Не е отровен, за разлика од поскокот и шарката. Сите ги привлекува мирисот на млекото и најчесто поради тоа влегуваат во домовите – вели Келе, кој минатата година фатил змија намотана околу шишето со млеко на бебе, кај семејство од внатрешноста.

Раскажува дека откако ќе ги фати ги пушта во природа и никогаш не убил змија. За неговата умешност со шепотење да ги лови змиите пишувавме уште пред две години. Зборовите кои им ги кажува при ловот ги нарекува ,,Басма’’, а ги научил од стар овчар пред околу три децении. Од тогаш, постојано е во лов на змии. За него минатата година се сними и документарен филм, за позната телевизија од соседна Србија. Нивната екипа дојде во Криволак и Келе пред камерите ги покажа своите умешности.

Вели дека по прикажувањето на филмот станал популарен и во регионот, а добил и неколку понуди да живее и лови змии таму, да се направи ТВ шоу кое редовно ќе се емитува, но сепак ги одбил, бидејќи сакал да живее скромен живот без да се експонира и да си го гледа семејството.

-Беа изненадени како досега од Македонија никој не снимил емисија за мене и многу го пофалиија ,,Фокус’’ што ја објавил приказната за мене. И јас сум многу благодарен, затоа што веднаш по објавата започнаа да ми се јавуваат новинари од целиот регион, од Босна, од Србија, од Црна Гора. Многу луѓе слушнаа за мене, и на сите кои имаа мака и ме побараа, им помогнав – изјави Јусуфов, додавајќи дека сите кои што имаат потреба од негова помош при заловување на змија, можат да го побараат на 075 693 642.

Вики Клинчарова

Поврзани новости