Универзитетскиот професор Јове Кекеновски, кој се претставува како еден од првите што му пристапиле на ВМРО-ДПМНЕ, а денес е дел од таканаречената неформална партиска алтернатива, преку колумна во Утрински весник го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да ја објави најавуваната бомба која се однесува на владејачката партија и лидерот Никола Груевски.
– Затоа, сега и само сега и веднаш, без одложување, почитувани опозиционери, излезете со конкретни докази, дајте споделете ги вашите сознанија со сите нас без разлика колку ќе боли сето тоа. Ние сме должни, во име на вековниот идеал на нашата партија како наследник на историското ВМРО, и сами да ја расчистиме работата и да ги казниме сторителите на таквите дејанија. Се разбира, доколку ги има… Е, тогаш, доколку во вашите обвинувања препознаеме вистина, ако таа е опиплива и со цврсти докази, а не како досегашното грепкање по површината, сама по себе ќе се наметне потребата да се свртиме наназад, низ историјата, да видиме како се решавале ваквите дејанија – пишува Кекеновски.
Тој беше кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но на изборната конвенција на партија освои 124 гласови, наспроти актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кому довербата му ја дадоа 1.099 од вкупно 1.300 делегати.