Откако во јавноста излегоа информации дека членови на ВМРО-ДПМНЕ веќе почнале да преминуваат во други политички партии како ВМРО-НП и Обединети за Македонија, се наметнува прашањето какво е расположението на оние кои сакаат да останат во партијата.
Јове Кекеновски, основачот на ФРОДЕМ, здружение на граѓани кое се бори за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, за „Фокус“ вели дека ФРОДЕМ е мисија која посветено и ревносно дејствува во насока на корекција на партиските и државните абнормалности, како и враќање на заробената партија од страна на една фамилија во рацете на членството.
-Наметнатиот авотритаризам во управувањето со партијата, неодговорноста на партиското раководство, нечесното управување со партијата, како и злоупотребите на функциите, било да се државни или партиски, мора да станат минато и секој сторител да одговара за нанесеното зло. Секако дека се поголем број на вмровци секојдневно се повеќе се уверуваат во исправноста на нашите заложби и се повеќе не поддржуваат, вели Кекеновски.
На прашањето дали имаат поддршка и од оние кои можат да свикаат Конгрес за смена на Груевски (членовите на Централниот комитет), односно дали е можно во скоро време да се свика таков Конгрес, Кекеновски кусо одговори дека се работи на тој план.
Катерина Смилева