Бетонизирањето на позицијата на Христијан Мицкоски на претстојниот Конгресот ќе ги анулира сите со поинакво мислење во ВМРО-ДПМНЕ, смета универзитетскиот професор и политички аналитичар Јове Кекеновски.
-Ова значи и дека за еден подолг период ќе бидат маргинализирани и елиминирани сите оние патртиски структури кои имаат поразлично мислење од лидерот. Принципот на одговорност за погрешните потези на раководството околу водењето на партијата, како и за практикуваните политики во наредните години, ќе биде мислена именка – нагласува Кекеновски.
Тој истакнува дека фактот што Мицкоски е трет претседател на ВМРО-ДПМНЕ не значи дека партијата со него влегла во трета развојна етапа. Според него, во последниве неколку години партијата само назадува, пред се од аспект на внатрепартиската демократија, во делот на организационата и структурната поставеност, на планот на идеологијата и на континуирана реална политичка стратегија.
-Ако Љубчо Георгиевски го паметиме по идејата за независност и самостојност, како и по воведувањето на голема врата на политичкиот прагматизам, а Никола Груевски по автократското владеење со партијата и државата, Мицкоски ќе го паметиме по водењето на тргни-застани политика, со често менување на ставовите и немање храброст да расчисти со арамиите во партијата – вели Кекеновски.
Тој смета дека по три децении од основањето нормално е ВМРО-ДПМНЕ да не остане иста во кадровска, организациона и програмска смисла, меѓутоа, како што истакнува, нему му смета дезидеологизацијата на партијата.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
В.С.