Кекеновски до Матевски: Вози Пеце и пет пари не давај на ситна боранија!

by Fokus

Професорот Јове Кекеновски му даде јавна поддршка на битолчанецот Пеце Матевски, кој е новоназначениот в.д. директор на РЕК Битола, по вчерашните бурни реакции во јавноста, дали Матевски, кој со години наназад е познат во регионот како хармоникаш кој настапувал во угостителски локали и на семејни веселби го има потребното искуство да раководи со РЕК Битола во време на енергетска криза.

Кекеновски, кој и самиот пред да влезе во политиката свирел хармоника и бил дел од музичката група ,,Мераклии”, појаснува дека Пеце Матевски е магистер, дипломиран машински инжинер и хармоникаш во слободно време.

-Пеце запамети, пишува на својот официјален профил професорот Кекновски, -Она со што способните, умните, нормалните и цивилизираните се гордеат, неписмените, полуписмените, неспособните и арамолепците се исмеваат. – Никогаш немој да ги мразиш луѓето кои се љубоморни на тебе, туку почитувај ја нивната љубомора. Тоа се (не)луѓе кои мислат и знаат дека си подобар од нив во секој поглед. Затоа Пеце ,,вози” мирно и не обрнувај внимание (што би рекле ,,пет пари не давај”) на ситна боранија, трутови, прости шупци политиканти и во овој случај на приучени новинари измеќари-наведено е во неговата објава.

Вчерашната вест дека досегашниот директор на Термоелектрана, Матовски е новиот директор на РЕК Битола предизвика многу реакции.

Без оглед на тоа што тој магистрирал менаџмент на човечки ресурси во 2016 година, најчесто поставуваното прашање од пошироката јавност беше дали некој кој го поминал поголемиот дел од животот настапувајќи како хармоникаш со повеќе музички групи, би можел да се носи со новата функција, челен човек на најголемиот производствен капацитет на електрична енергија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости