Сопругата на британскиот принц Вилијам – војвотката од Кембриџ, Кетрин Мидлтон е во самоизолација поради контакт со лице заразено со корона вирус, објавија светските новински агенции. Таа ги откажала сите планирани обврски.
„Минатата недела војвотката од Кембриџ разговараше со човек кој подоцна беше утврден како позитивен на Ковид-19“, соопшти палатата Кенсингтон.
Кејт Мидлтон сè уште не покажала никакви симптоми на корона вирусот, но ги следи правилата на здравствените власти. Така, таа мора да остане во изолација 10 дена.
Војвотката од Кембриџ минатата недела учествуваше на неколку настани, а во петокот присуствуваше и на тенискиот турнир Вимблдон. Заедно со нејзиниот сопруг принцот Вилијам, Кејт требаше да присуствува на свеченоста по повод 73-годишнината од отворањето на Британската национална здравствена служба.
Принцот Вилијам не е во изолација. Тој ја надмина Ковид-19 болеста во април.