Ќе заживее ли конечно Етно селото од над шест милиони евра?

by Fokus

Комплексот Македонско село, туристичка атракција која беше изградена во традиционалниот дух на македонската архитектура од 19 и 20 век и официјално пуштен во употреба во јуни 2016 година, за време на владеењето на Никола Груевски, повторно ќе се враќа во живот.

За комплексот кој се градеше околу пет години во село Нерези, во близина на манастирот ,,Свети Пантелејмон” и се протега на површина од 12.000 метри квадратни, биле потрошени 5,2 милиони евра, како и уште 1,3 милиони евра за внатрешното уредување.

За време на отворањето, беше истакнато дека во наредните 20 години со комплексот ќе стопанисуваат „Тинекс“ и хотел „Квинс“, сопственост на Владимир Тодоровиќ и ќе плаќаат месечна кирија од 3.500 евра со ДДВ.

Но, по три години објектот престана да функционира, бидејќи се работело со загуби, и од тогаш беше оставен да пропаѓа.

Сега, според Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата, најавено е дека до крајот на оваа недела ќе биде објавен огласот за избор на концесионер за комплексот и дека огласот ќе биде поделен на четири дела, што ќе овозможи различни концесионери да се пријават за различни сегменти од комплексот. Во првите три дела спаѓаат куќарки, во четвртиот дел спаѓаат три ресторани, а почетната цена на закупот ќе биде 4.000 евра.

Уште во времето кога беше изградено и пуштено во употреба, како што јавноста го нарекуваше, виртуелното село, имаше бројни реакции. Имаше капацитет за сместување на околу 100 гости, а бројни претставници од месни заедници во земјава се огласија со јавни реакции дека додека ни пропаѓаат вистинските села, се вложува во виртуелно село.

-Додека инвестираме во виртуелни македонски села, ги губиме оние вистинските! Проектот е добар, но на погрешно место. Македонија изобилува со прекрасни села, опкружени со недопрена природа и со традиција во кои треба да се инвестира. Зошто кога имаме жива рурална средина, се дадоа огромни пари за нешто вештачко? – уште пред девет години за ,,Фокус” реагираа претставници од месните заедници, потенцирајќи дека треба да се вложува во старите села кои постепено изумираат и се празнат, а кои можат да станат вистински туристички атракции.

Инаку, во комплексот кој не работи веќе шест години, биле направени голем број на штети кои допрва треба да се санираат. Од СОЗР истакнаа дека се очекува до први мај повторно да заживее Етно селото и веќе имало заинтересирани фирми.
Објектот ќе се изнајмувал најмалку на десет години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости