Предлог-буџетот за 2022 година е одговор на предизвиците кои претстојат, но е и во насока на реализација на приоритетите за следната година, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната пленарна седница на која се разгледува овој стратешки документ.
Предвидувањата за економијата на глобално ниво за 2022 година, како што посочи Бесими, се оптимистички, а во македонската економија се очекува годината да заврши согласно проектираниот раст на БДП од 4,1 процент, но со реална можност и да се надмине. Во 2022 година, економскиот раст се очекува да забрза и да изнесува 4,6 проценти во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и стабилизирање на надворешната побарувачка.
-Наредната, 2022 година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во овој Предлог-Буџет се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Притоа во услови на се уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето на населението, а неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата, нагласи Бесими.