Комисијата за заразни болести денеска во 12 часот ќе одржи состанок и по него ќе биде појасно дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер, важи за оние кои не се вакцинирани или и за оние кои не ја примиле ревакцината.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од понеделникот почна со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се имунизирани со вакцината ДТП откако Министерството за здравство ги прифати препораките од последната седница на Комисијата за заразни болести.
Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно е поразувачки, оцени директорката на ДСЗИ која порача дека ќе ги контролираат и приватните градинки.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица.
Најголем дел од случаите се во Скопје – 43, а пријавени се и три случаи во Тетово и по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани.
Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години.
– Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, со инциденца од 9,4/100 000 жители.