Ќе сторам се да ја релаксирам атмосферата во делот на поднесување на барање и подигање на патните исправи, ќе сторам се за граѓаните да се чуствуваат достоинствено во овој процес којшто треба да е најнормален, а е најненормален од денешен аспект, вели министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.
-Тимот на луѓе со кои ќе работам и од првиот момент на моето номинирање најмногу го имам консултирано и внимание имам посветено, особено на ова прашање од организациски аспект. Ќе направиме се за да го релаксираме процесот и ќе направиме се за граѓаните на Република Македонија да не останат заробени после 12 февруари. По оние информации што ги имам, за коишто не можам да тврдам со сигурност дека се точни, поради тоа што официјално допрва би требало да ги добијам, околу еден милион и 200 илјади пасоши се издадени со новото име. Ако имаме некаде два и пол милиони пасоши, уште околу толку значи треба да бидат издадени во наредниот период. Физички е невозможно да бидат издадени сите тие и физички е невозможно она што Министерството е должно да го направи спрема граѓаните да го направи во една нормална атмосфера. Тоа е последница на сето она што го наследив, но моја работа и моја обврска е тој процес, пак ќе речам, да се реши и ве уверувам дека ќе најдеме начин како да ја релаксираме атмосферата од организациски аспект. Белким Министерството ќе може да обезбеди повеќе простори каде што ќе може луѓето да ги подигнат, ќе може подобро да се организираме внатрешно – од аспект на сликање. Најголемиот проблем е самото печатање и издавање на пасошите, значи печатењето, производството на пасошите е најголемиот проблем, вели Тошковски во интервју за „360 степени“.