Во последните неколку години планинарењето во Македонија се наметна како нов вид на спорт, кој го користат се повеќе од луѓето. Без разлика на возраста, убава е сликата кога ќе се видат планинари на македонските планини, поттикнувајќи ги и другите да се обидат да ги следат нивните чекори и да ја засакаат природата.
Се претпоставува дека во Европа има три милиони планинари, а и Македонија може да се пофали дека бројките од година во година растат. Официјално регистрирани планинари во нашата земја има 3.000, додека пак вкупно со тие кои не се членови на планинарски клубови, бројката стигнува до околу 5.000 планинари.
Портпаролот на ФПСМ, Живко Темелковски е среќен што овој спорт од ден во ден станува многу популарен и се повеќе млади се присутни по планините.
„Планинарството е во нагорна линија во последните неколку години во Македонија. Особено стана актуелен со појавата на корона вирусот, па младите мораа на некој начин да си најдат свој „издувен вентил“. Планината е идеално решение за излез од градот и брзиот градски живот“, вели Темелковски за „Фокус“.
Овој спорт е многу модернизиран, на радост на Темелковски, кој верува дека во иднина се повеќе луѓе ќе одат по планините.
„Многу ми е мерак кога ќе ги видам младите луѓе, дотерано преубаво, со убава опрема, на планина. Тие се една прекрасна слика, го претставуваат модерниот свет во природата“, додаде тој.
Дејан Доневски, претседател на планинарскиот клуб „Ај лов хајкинг груп“ направи паралела за тоа во каква состојба било планинарството во минатото.
„Во минатото немаше организирани групи или големи фестивали како што ги има денес, да излезеш и да уживаш на непознати места, да се дружиш и да истражуваш и беше многу потешко него што е сега. Одењето во планина беше еднаш во месецот, а не како сега по некогаш и двапати во седмица. Посебно ме радува што сите дознаа што е убавината во природата, многу луѓе се настроени кон здравиот начин на живот, меѓу нив има и големи поддржувачи на клубовите“, смета Доневски.
Така се поставува прашањето: дали сите кои одат на планина го прават тоа поради љубов кон природата и здрав начин на живот или поради помодарство. Доневски се труди и на овие, вторите, да им ја појасни убавината на планината.
„Тие за жал ќе останат само на еден спомен од таа убавина. Ние се обидуваме да им ја претставиме целата убавина во една слика додека се со нас да знаат што ќе пропуштат во иднина. Пробуваме преку социјалните мрежи да допреме до секого, тука имаме голема подршка од многу следачи ширум Европа. Но и тие што ќе дојдат еднаш, имаат голема мака поради неконстантноста. Сите кои ќе продолжат после некој период, уживаат како нас со секоја пора од своите сетила“, додава нашиот соговорник.
Словенија, која е приближна по бројот на жители со Македонија, може многу повеќе да се пофали со бројката на планинари. Официјално, регистрирани се 61523 планинари, а неофицијалните бројки достигнуваат до неверојатни 300 илјади вљубеници во природата и 180 планинарски домови.
Дарјан Жужек е планинар од Словенија со 35-годишно искуство, кој вели дека начинот на размислување за тој вид на спорт во оваа земја е многу поразличен, за разлика од Македонија.
„Многу ме радува податокот што многу луѓе планинарат, особено кога тоа се пренесува од генерација на генерација. Тоа е нашата култура, луѓето бегаат од модерниот ритам на градот, кој ги убива. Ако родителите планинарат, во Словенија и децата планинарат“, вели Жужек за „Фокус“.
Оваа земја има традиција со успеси во зимските спортови, па така се зголемува и бројката на планинари постојано низ годините.
„Тука е прашањето кои ви се идоли во општеството. Кај нас тоа се скијачи, качувачи, алпинисти, бијатлонци, фудбалери и кошаркари. Словенија е многу успешна кога станува збор за зимските спортови, па така младите генерации ги гледаат тие успеси на телевизија и така оди тоа“, анализира Жужек.
Притоа тој апелираше дека во зимски услови треба да се внимава многу, затоа што во Словенија имало многу смртни случаи на планините оваа зима.
„Оваа зима тоа е проблем, многу луѓе загинаа на планините. Неискусни луѓе одат со несоодветна опрема во зима за првпат на планина и тука се случуваат грешките. Треба да се следи временската прогноза и никако да не се оди на планина доколку се најавува лошо време“, порача тој.
Дејан Доневски смета дека, за да се зголеми бројката на планинари во Македонија, треба да се направат големи промени. Бројката на планинари во Македонија е многу мала.
„Во Словенија има една традиција која ја почитуваат од мали нозе. Кај нас за да има промени треба да почнат од нашата Федерација, каде треба да има тектонски подвижувања со нови идеи и нови сили. За тоа да дојде треба старите клубови да следат нови млади сили а не истите членови кои се веќе 20 години на власт и со кои нема да имаме промени ниту во наредните 20 години. Инаку бројката кај нас е многу мала. Кај нас во нашиот клуб на годишно ниво опслужуваме според статистика повеќе од 6000 љубители на планина“, го заврши разговорот Доневски.
За да почнеме да создаваме здрави генерации, очигледно е дека треба да се направат сериозни промени во сите институции. Почнувајќи од Министерството за образование, каде од мали нозе ќе се учат децата на здрави навики, па се до промени во Планинарската федерација. Со бројка од околу 5.000 планинари и 19 планинарски домови, од кои 13 се функционални, се уште сме назад зад една Словенија која забрзано чекори кон создавање на здрави генерации и успешни спортисти.
Јорданчо Цветаноски