Ќе„создаде“ ли Владата пари за да ги задоволи штрајкувачите од јавниот сектор?

by Fokus

Светската економска криза предизвикана од воениот конфликт во Украина предизвика серија штрајкови, а државниот буџет мораше да се скрати. Понизок економски раст, повисока инфлација, продлабочен дефицит – со ребалансот власта рече дека  штеди на непродуктивните трошоци, но и ќе троши повеќе за потребите на граѓаните и стопанството. Во меѓувреме граѓаните се соочуваат со драстично зголемени цени на храна и енергенси кои вртоглаво растат.

Уште кога беше донесена одлуката за повисока минимална плата, дел од синдикатите побараа усогласување на останатите плати со минималната и најавија протести и штрајкови.

Први на протест излегоа матичните лекари, на Денот на здравјето, 7 април. Тие побараа решение, за како што велат, наталожените проблеми во здравството. Во исто време предупредувачки штрајк почна и судската администрација, која не работеше два часа во текот на денот.

На 11 април стартуваше штрајкот во училиштата и градинките. Штрајкот во „Пошта“ беше ставен во мирување веднаш откако почна. Еден месец штрајкуваат вработените во Управата за матични книги, а со предупредувачки штрајк на почетокот на април се заканија и судиите, но тоа не се случи, а со протест се закани и независниот синдикат на професионални војници.

Некои штрајкуваа на работните места, други работници излегоа на улици и протестираа пред Владата, Собранието, одделни министерства, но не сите го добија тоа што го бараа.

ССМ -ребалансот не предвидува зголемување на платите за администрацијата

Владата и ССМ се договорија за повисоки плати во јавната администрација, но власта тоа не го предвиде со ребалансот на буџетот. Министерот за финансии, Фатмир Бесими вели дека не може да потврди дали такво нешто им е ветено на синдикалците бидејќи разговорите продолжуваат.

Доколку до понеделник не се одржи средба меѓу Владата и ССМ за разјаснување зошто со ребалансот на буџетот нема пари за нивните плати, Димовски вели дека од понеделник ќе организираат генерален штрајк што ќе значи прекин на работата во работното време.

Во меѓувреме министерот Бесими рече дека дворот на министерството за финансии не е место каде што треба да се протестира бидејќи тие не се тие институцијата која што преговара.

 

Се разбудија и професорите на УКИМ

Професорите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје бараат повисоки плати со отворено писмо се обратиле до премиерот, претседателот на Собранието и министерот за финансии.

Велат дека постои огромно незадоволство поради актуелната состојба, која според нив „никогаш не била на вака ниско ниво“.
Професорите од УКИМ во писмото ја споредуваат просечната плата која во земјава достигна до повеќе од 31 илјада денари, со платата на еден доцент на факултет од околу 30 илјади денари, односно под просекот.

-Никогаш во историјата УКИМ не бил подеградиран и заборавен. Затоа бараме итно потпишување на колективен договор со предвидените четиригиодишни проекции на покачување на платите со цел во ребалансот на буџетот да биде предвидено зголемување на платите“, пишува во отвореното писмо на професорите од УКИМ до властите.
Доколку не бидат исполнети нивните барања, професорите најавуваат дека ќе одржат мирен протест или штрајк во јунската испитна сесија.

Од паркот „Жената борец“, спроти Собранието, Министерството за правда, вработените во Управата за водење матични книги, пред малку стигнаа до Министерството за финансии, од каде побараа поголеми плати и виза за новиот колективен договор.

Ова е второ излегување на улица со неколкучасовно блокирање на најпрометните улици во строгиот центар на Скопје, на овие вработени кои се во штрајк веќе цел месец. Пред десетина дена протестираа пред ресорното Министерство за правда, каде што подоцна наидоа на разбирање и се договорија да го добијат тоа што го бараат: зголемување на платите, нов колективен договор во кој и за нив ќе има К 15, како и признавање на звањата на постарите вработени. Со денешниот протест сакаа да го испровоцираат министерот за финансии конечно да се изјасни за договореното во Министерството за правда, зашто тој молчи цела недела.

Матичарите протесираат веќе еден месец

Цел месец граѓаните не може да извадат извод за родени, умрени или венчаница, оти вработените во Управата за водење матични книги штрајкуваат од 27 април.

Тие неколкупати и протестираа пред институциите. Министерството за правда им го прифати барањето за донесување Колективен договор, но финансискиот дел остана да виси, односно нема договор за повисоки плати.

Тие протестираа и пред Министерството за финансии, но никој не ги прими. Вработените во матичните служби бараат зголемување на платите за 30 отсто. На крајот на април, синдикатот на матичарите соопшти дека 70 отсто од вработените земаат плата пониска од минималната.

Дали со ребалансот на буџетот селективно се зголемија платите?

Матичните лекари и по неколкуте протести не добија повисок капитационен бод со што би добиле и повисоки плати. На крај на месецот треба да има нова средба со надлежните од Министерството за здравство и од средбата ќе зависи дали ќе има нов штрајк.

Владата на седница на 25 мај утврди измени на закони со кои повисоки плати ќе добијат правосудниот и обвинителскиот сектор, иако судиите само се заканија со штрајк, а вработените во обвинителството не штрајкуваа. Со измените повисоки плати од 15 отсто ќе добијат и вработените во судските служби, кои штрајкуваа. На истата седница беа прифатени и измени со кои вработените во Армијата ќе имаат дополнителни погодности, меѓу кои и тоа дека платите ќе бидат усогласени со минималната, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал.

Членовите на Синдикатот на вработени во образованието, науката и културата(СОНК), штрајкуваа безмалку три недели со барање да им се зголеми платата согласно минималната. По низа средби и изјави од надлежните дека владата има шест месеци рок за усогласување на платите и дека не е време да се бараат повеќе пари во време на криза, двете страни се договорија за повисоки плати од 15 отсто од септември. Тие се договорија да нема кратење на платите за периодот додека траел штрајкот.

Штрајкот на вработените во „Пошта“ со барање за повисоки плати траеше неколку часа, по што Управниот одбор понуди од 1 јуни годинава линеарно да се зголемат за 3000 денари платите на 1700 вработени од оперативниот дел (поштари, шалтерски работници и други), а од 1 август и на административните службеници.

С.Т.

 

Поврзани новости