Ќе сопре ли растот на цените на становите? Владата ќе им конкурира на инвеститорите со цени од 1.000е за квадрат

by Fokus

Почна продажбата на државни комерцијални станови во Битола со цена по 1.000 евра за метар квадратен. Оваа цена, според Владата треба да влијае врз намалувањето на пазарната цена на станбениот квадрат во поголемите градови во Македонија, но и во главниот град Скопје.

Во јануари Владата на седница усвои одлука дека 65 стана ќе се продаваат по 1.000 евра за метар квадратен, 11 дуќани по 2.000 евра за метар квадратен и 71 паркинг место по 500 евра за метар квадратен.

Дополнително, во Скопје ќе се градат четири комерцијални згради, а во Охрид и во Штип по една, каде метар квадратен ќе чини илјада евра, најави министерот за транспорт и врски Александар Николовски, во

– Во Битола започнуваме со продажба на државни комерцијални станови по 1000 евра за метар квадратен. Моментaлно цената на комерцијaлни станови во неколку градови галопира, во Битола направивме интервенција и од понеделник почнуваме со продaжба на станови по 1000 евра за метар квадратен за стан, по 500 евра метар квадратен за гаража што е далеку пониска цена отколку што сега е во Битола. Во Скопје ќе почнеме четири згради да работиме, во Охрид имаме активен повик за една, во Штип бараме локација, така што во овие четири места каде цената најмногу галопира, ќе се обидеме со наша интервенција цените на пазарот да ги намалиме.

Сегашните цени на ниеден начин не одговараат на нашиот стандард, младите брачни двојки едноставно не можат сопствен дом да најдат, а по цена од 2500-3000 евра за квадрат никој не може со овој стандард да купи стан. Дополнително работиме на пет социјални згради низ државата, рече вицепремиерот Николоски.

Покрај тоа што во земјава годишно во просек се градат околу 5.000 станови и секој трет стан во земјава е празен, барем според податоците на Државниот завод за статистика, растот на цените никако да сопре.

Во последните десет години, најниски цени беа забележани во 2017 година, но оттогаш почна тренд на раст на цените, кој својот пик го достигна во 2022 година. Истата година имаше голем пораст на трошоците за градење поради зголемување на цените на градежните материјали, пред сѐ, на железото и челикот, кој доаѓа од Украина.

Цените на недвижнините продолжуваат да растат и во текот на 2024 година, иако се бележи побавно темпо на поскапување. Последните податоци на Народна банка откриваат дека во третиот квартал има пораст од 8 проценти на цените за квадратен метар, и тоа е малку помало поскапување во споредба со вториот квартал, кога цените пораснаа за 11 проценти.

Во првиот квартал, цените се зголемија за само 4,6 проценти, но од вториот квартал повторно има голем раст на цените на недвижнините. Овој тренд на значително поскапување на имотите почна со четвртиот квартал во 2021 година и продолжи низ цела 2022 година, односно во втората половина на 2022, кога становите поскапеа најмногу.

Побарувачката на станови, посебно во централните градски населби во Скопје, но и во останатите поголеми градови во Македонија, како Битола, Велес, Прилеп, Охрид, Штип и Струмица не стивнува и, според познавачите на градежниот сектор, цените ќе останат вакви какви што се, со евентуална можност да бидат стабилизирани на ова ниво во текот на цела 2025 година.

Статистиката покажува дека, иако на пазарот на недвижности има голем број непродадени станови, сепак, растат одобренијата за градба, а тоа значи нови станбени квадрати што почнале или допрва ќе се градат. А паралелно со градењето станови, расте и нивната цена, што е надвор од економското правило – цената да се одредува според понудата и побарувачката.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот 2020-2023 година, издадени се одобренија за изградба на вкупно 33.023 станови: 6.210 во 2020 година, 11.946 во 2021 година, 7.002 во 2022 и 7.865 во 2023 година. Вкупно 16.341 стан за кој се издадени одобренија за градење се наоѓа во Скопје.

Последните расположливи податоци од ДЗС за бројот на завршени станови се за периодот од 2020 до 2022 година. Во тој период, вкупно се завршени 16.337 станови: 4.077 во 2020, 5.959 во 2021 и 6.301 во 2022 година. Од вкупниот број завршени станови, 6.773 се наоѓаат во Скопје, а 7.555 во поширокиот скопски регион.

Орце Костов

 

 

Поврзани новости