Ќе се зголемат ингеренциите на Пазарната инспекција, најави Бектеши

by Fokus

Мерките за угосителските објекти донесени вчера, се предлог на Комисијата за заразни болести и ние во целост ќе ги почитуваме. Но, тука сме да разговараме и да им излеземе во пресрет на угостителите ако имаат тешкотии. Зголемување на ингеренциите на Државниот пазарен инспекторат предложив јас лично кога имавме вонредна ситуација, тоа веќе се разгледува во Владата и очекуваме да се донесе таква одлука, рече денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

Одговорајќи на новинарски прашања на настанот по повод „Денот на вранецот“, Бектеши напомена дека е многу важно сите засегнати страни – надлежните институции, бизнисот и граѓаните да испратат единствена порака, дека КОВИД мерките мора да се почитуваат.

Според Бектеши, се уште нема бројки за пад во угостителскиот сектор. Тоа ќе се види кога ќе почнат да се спроведуваат новите протоколи.

-Како Влада, секогаш се повикуваме на експерти. Ако тие одлучиле дека во моментов треба вакви мерки да се донесат, тогаш ние тоа ќе го почитуваме во целост. Но, тука сме да им излеземе во пресрет на сите засегнати сектори, како што го сторивме тоа со четвртиот сет мерки. Многу е важно сите заедно да ја испратиме пораката за почитување на мерките, имајќи предвид дека освен врз здравеејто на граѓаните, непочитувањето ќе има негативен импакт и врз економијата генерално, истакна Бектеши, дополнувајќи дека ако угостителите не ги почитуваат донесените протоколи, државните институции соодветно ќе постапуваат.

Во врска со ингеренциите на Пазарната инспекција и најавата дека ќе има нивно зголемување, министерот е дециден дека сите институции, посебно оние што вршат директен надзор, треба да одлучуваат навремено за да не се повторуваат случаите на непочитување на здравствените мерки и протоколи.

Поврзани новости