Ќе се заштитат личните податоци на решенијата за изолација, велат од Владата

by Fokus

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, во консултација со Министерството за здравство, со Агенцијата за заштита на личните податоци и со Владата го изготвува дигиталниот модел за испорака на информациите и решенијата за изолација до граѓаните заради утврдена инфекција или заради контакт со позитивен од КОВИД-19.

Моделот подразбира дека секој граѓанин кој има потреба да дојде до сопственото решение ќе има пристап преку веб-страница единствено до своето решение за изолација без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено решение за изолација.

За постапката за пристап до решенијата која ќе се одвива преку веб-платформа граѓаните ќе бидат навремено информирани во рокот утврден за примена на новиот начин на испорака на решенијата за изолација до граѓаните.

На вчерашната 10 седница, Владата донесе заклучок и за начинот на изработување и доставување на решенија за изолација за лица кои се позитивни на КОВИД-19 или се контакти на позитивни лица.

Според новиот предлог, решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација ќе се објавуваат на веб страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и дополнително во Службен весник во најбрз можен рок, при што нема да бидат објавувани лични податоци на граѓаните, односно целосно ќе бидат запазени стандардите дефинирани со Законот за заштита на личните податоци.

 

Поврзани новости