Ќе се втурне ли Иванов во злосторничкото здружение?

by fokus

Колумната е објавена во „Фокус“ број 1064, на 26 февруари 2016 година

Претседателот има право да помилува одредени осудени лица во процедура определена со закон. Меѓутоа, ако некој му шепне кого да помилува, тогаш и за претседателот важат одредбите од кривичните закони. До сега претседателот беше само нем воајер на целосната криминализација на нашиот систем. Со евентуалните одлуки за помилување на Миле и компанија и самиот ќе се втурне во злосторничкото здружение.

Пишува: Александар ТОРТЕВСКИ

Неколку пати при давањето на завршниот збор, во случаите што ги водев, на судиите што ги водеа процесите, се обидував да им објаснам што значи судиската наметка наречена тога, која се задолжени да ја носат. Се обидував да им објаснам дека тогата не е само едно парче текстил по кое присутните ќе знаат кој е судија и кој го води процесот. Всушност, тогата е симбол што покажува дека тие што ја носат се единствените овоземски суштества кои имаат функција и моќ каква што има само Господ.

Судиите се единствените што имаат легитимно право и моќ да им ја одредуваат судбината на луѓето. Само едно ги разликува од Господ. Господ нема обврска да ги образложува своите одлуки и истите ги носи во свое име. Од друга страна, судиите одлуката ја носат врз основа на закон и во името на граѓаните и имаат обврска комплетно да ја образложат.

За жал, во последните години, сведок сум на постојаниот пад на квалитетот на судството, што е резултат на лошата селекција на кадрите што ја врши извршната власт, упорно настојувајќи да мести свои судии на највисоките и најодговорни правосудни позиции.

По правило, судијата што ќе прифати да напредува во кариерата со влегување во тефтерчето на Гордана, тој однапред се збогува со законот, правото и со правораздавањето. Тој веќе не е судија. Тој е трансмитер на желбите на високите партиски функционери. Тој веќе влегува во редот на криминалците и од нив само ги разликува тогата што ја носат. Сѐ друго се само нијанси.

КРИМИНАЛНИ ПРЕСУДИ ЗА ВМРО-ДПМНЕ

Иако повеќето граѓани и на своја кожа го имаат почувствувано дејствувањето на криминалците во тоги, но, сепак, преку следните примери ќе се обидам да ви објаснам, драги читатели, какви апсурдни одлуки се носат во последно време.
Пример 1. Еден човек имаше продадено автомобил на една политичка партија. Договорот беше уредно заверен на нотар и автомобилот му беше предаден на купувачот. Во договорот беше наведено дека купопродажната цена ќе биде исплатена по извесен период и на рати. Кога рокот за исплата истече, а партијата купувач не ја исполни својата договорена обврска, човекот беше присилен да поднесе тужба.

Иако спорот наизглед лесен за добивање, јас бев скептик во однос на исходот и тоа му го соопштив на клиентот, а за покренување спор беа и другите адвокати од мојата канцеларија, кои едноставно мислеа дека спорот просто не може да се загуби. Во текот на судењето го приложивме договорот за купопродажба, во кој јасно стоеше дека човекот го продава возилото на купувачот, а купувачот е должен во рок од неколку месеци да ја плати купопродажната сума. Чисто како солза.

Во одговорот на тужбата, тужената политичка партија напиша: „точно е дека сме купиле возило на одложено плаќање и немаме доказ дека сме ја уплатиле купопродажната цена, но можеби сме платиле на друг начин и со други средства“.

На нашата забелешка дека другиот начин може да биде само цесија или компензација и дека за тоа мора да постои уредна документација, судијата само ѝ кажа на странката дека се работи за убаво возило, кое не требало да го продава. И го одби тужбеното барање. Образложението беше дека тужителот не докажал дека купувачот не му платил!

Предметот отиде до Врховен суд и ги помина сите инстанци и сите одлуки беа идентични. Ваквата криминална одлука стана правосилна. Единствениот валиден аргумент на тужениот, кој судовите во целост го прифаќаа, беше името на партијата купувач ВМРО-ДПМНЕ.

БЕДНИ СЛУГИ НА СЕКОЈА ВЛАСT

Пример. 2 Еден човек имаше добиено позајмица од една политичка партија и за тоа имаше потпишано документ каса-исплати. Парите му ги имаше исплатено генералниот секретар во готово и во иста форма требаше да бидат вратени.

По извесен период, партијата заемодавач покрена спор против заемопримачот дека не ги вратил парите. Човекот дојде во мојата канцеларија и со себе носеше документ каса-прими, на кој со уреден печат и потпис стоеше дека парите ги вратил и тоа на генералниот секретар на партијата, истиот оној што и му ги дал.

Погодувате, почитувани мои, дека и покрај несоборливиот доказ дека парите се вратени во иста форма, начин и на лице од кое се примен, човекот сепак го загуби спорот и тоа конечно во сите инстанци. Образложението на криминалците во тоги беше дека „не е спорно дека парите му се вратени на тужителот, меѓутоа вратени му се на лице кое не било овластено да прима пари во име на партијата“.

Повторно погодувате,тужител во спорот беше ВМРО-ДПМНЕ, а во советот на Апелација што ја потврди пресудата беше и судијата кој го задолжи Никола Младенов да му плати 30.000 евра надомест за претрпен душевни болки на Црвенковски во случајот „швајцарски сметки“. Ова само покажува дека огромен дел од судиите не се партиски определени. Тие се само бедни слуги на тој што во моментот е на власт.

НЕМА ПРИТВОР ЗА КРАДЦИТЕ НА ВЛАСТА

Пример 3. Двајца мои пријатели, инаку прекрасни луѓе, доктори по професија, беа уапсени и притворени во случајот со издавањето инвалидски пензии наречен „Метастаза“. Едниот имаше дадено мислење на еден пациент со две сериозни искривувања на ’рбетниот столб.

Мислењето беше само дека пациентот може да оди на инвалидска комисија. Ниту пари, ниту мито, ниту лажен наод и мислење, ниту, пак, пациентот добил инвалидска пензија. Ништо од тоа, а човекот беше обвинет за злосторничко здружување дека бил член на злосторничко здружување со другите доктори и со членовите на инвалидската комисија, а, всушност, тој со никого ниту се сретнал, ниту разговарал во периодот за кој беше обвинет.

Замислете, почитувани мои, бил член на злосторничко здружение без да комуницира со останатите и со комисијата, а комисијата го одбила пациентот. Човекот беше во притвор цели 18 месеци, за на крајот да му биде изречена условна осуда од 10 месеци, само со цел да се покрие притворот. Овој човек во притвор 18 месеци го држеа сите овие кои деновиве одлучија дека нема потреба од притвор за луѓето што ја украдоа целата власт и целата држава.

И другиот доктор имаше идентична ситуација и конечен епилог. Тој пред притворањето имаше отворено приватна ординација и имаше купено најсовремен апарат, кој никако не можеше да даде лажен наод. За купување на апаратот подигна хипотекарен кредит и го вложи станот во кој живееше.

За време на притворот, банките му ги зедоа и станот и ординацијата, па сега мора по арапските земји да работи по 12 часа за повторно да купи стан за своето семејство и да ги врати долговите. Погодувате, во притвор го држеа истите денес актуелни судии. Такво е нивното чувство за правда и за еднаквост на луѓето пред законот.

ОДЛУКИ ПО ДИРЕКТИВА

Додека го пишувам овој текст се чека одлуката на Уставниот суд со која повторно треба да му се дозволи на претседателот да дава помилување за кривични дела поврзани со изборите. Мотивот и нарачателот се сосема јасни. А и одлуката многу лесно предвидлива. Не им се оди по судови на Гордана и на Миле, па претседателот треба да ги спаси од малтретирањето.

Би сакал да им укажам на судиите дека е факт дека судија ужива имунитет и не може кривично да одговара за дадено мислење при носењето некоја одлука, но ако одлуката ја носи сам и врз основа на неговото слободно убедување. Меѓутоа, ако се докаже дека одлуката е донесена по директива и по однапред дадени напатствија од некого, тогаш тоа претставува кривично дело. Како од нарачателот, така и од судијата.

Истото важи и за претседателот. Тој има право да помилува одредени осудени лица во процедура определена со закон. Меѓутоа, ако некој му шепне кого да помилува, тогаш и за претседателот важат одредбите од кривичните закони. До сега претседателот беше само нем воајер на целосната криминализација на нашиот систем. Со евентуалните одлуки за помилување на Миле и компанија и самиот ќе се втурне во злосторничкото здружение.

Поврзани новости