Фатмир Меџити – министерот за здравство иницираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во битолската болница поради смртта на 24-годишно момче.
По утврдување на фактичката состојба и изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана, информираа од Министерството за здравство.
Смртта на момчето се случила вчера доцна попладнето по 18 часот, откако од утрото тоа било примено во болницата со многу висока температура и треска.
Обдукцијата покажа дека за смртта кај 24-годишното момче Симеон Т. од битолското село Цапари, кое вчера почина во битолската болница нема лекарска грешка и дека причината е десеминирана интраваскуларна коагулација.
„Наодот од обдукцијата покажа дека причината за смртта кај младиот пациент е ДИК или десеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа е брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно создавање тромбози и микротромбози кај сите органи. Сето ова е предизвикано од тежок инфект кај детето. Обдукцијата покажа дека нема лекарска грешка“, изјавила д-р Елизабета Ивановска, директорка на Битолската болница за „Независен“.