Министерството за образование креира програма за туторство. Целта е на децата кои имаат потреба да им се помогне во совладувањето на онлајн наставата. Според министерката Mила Царовска, клучна е поддршката на децата во учењето. Следењето настава од далечина е проблем што особено се одразува во руралните средини и кај ранливите категории граѓани.
-Руралните училишта, морам да истакнам дека најголем дел од нив се пуштени со физичко присуство. Работат под протоколи. 600 згради од 1.000 училишни згради се пуштени со физичко присуство. Најголем проблем може да се појави во училишта кои што се големи и се во градските средини, каде што мора да одат со онлајн настава и дел од децата немаат пристап до ИТ опрема. Министерството креира програма за туторство, која што веројатно во понеделник ќе биде објавена, сè со цел што поголем број на студенти кои што се на факултетите се пријават како поддршка. Тоа постои како законска основа и ние навистина би сакале да го искористиме во овие моменти. Од една страна тоа е пракса за студентите, од друга страна е помош за учениците и секако училиштата, вели Царовска, министерка за образование.
Во рамки на Денот на невладините организации претставници од граѓанскиот сектор дадоа и свои идеи како да се помогне за образовниот процес да функционира во овие вонредни услови. Предлагаат и да се вклучат волонтери кои би ги земале децата од училиште за тие семејства на кои неодржувањето целодневна настава им претставува сериозен проблем.
За министерката е најважно да се извлече корист од принудното учење од далечина и да се инвестира во образованието.
-Во моментот има училишта кои немаат соодветни стандарди за учење, но тоа укажува дека во минатите 30 години малку сме вложувале таму кај што треба. Ама, ако сега видиме од самата пандемија зошто е важно да имаме силен јавен образовен систем, силен јавен здравствен систем и ако ги научиме лекциите од оваа година, тогаш мислам дека навистина ќе знаеме во наредниот период како да инвестираме и зошто е најважно да инвестираме во образование, во здравство, во социјална заштита. И секако дека образование денес е економија утре, појасни таа.
Ресорната министерка вели дека има уште многу работа за да се овозможи еднаков пристап до образование за сите деца но, се прават напори за што поскоро да се постигне тоа.