Ќе се умира полека!

by Fokus

Текстот е објавен на 7 декември, 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1209

Пишува: Сашо ТАСЕВСКИ

Кога е живот во прашање, сето останато е грашок и боранија. И промената на името и ретуширањето на историјата што ќе следи, СЈО и неговите случаи, притворите и бегствата на неговите ѕвезди, понижувањата од меѓународниот фактор, снижувањето во црниот петок, блузоните од дваесет илјади денари и чевлите од илјада евра, мислењата на приглупите телевизиски модни стилисти, лошиот стандард, невидливите, но големи поскапувања кои ќе ги видиш само на касата во Тинекс, извршителите и нотарите, светците и славите, изборите за маж на годината, спортист на годината, мис на годината, прасе за Нова година… Сѐ е тоа гола вода, без смисла и значење, кога за животот се работи.

ШУГА-НАЛЕПНИЦА

Изгледа ќе се умира полека. Доста беше и ваков живот. Сите зборуваат за загадувањето во Скопје како од некоја дистописка сф-приказна, кога кај граѓаните што се препуштени сами на себе во справувањето со тоа загадување, почнуваат да им растат жабри како очаен одговор на имунолошкиот систем, а потоа полека се видоизменуваат во водоземци.

Жаби, гуштери и други влекачи кои во обид да се спасат нурнуваат во вода за да не дишат надвор. Иако и така немаат многу шанси, зашто нема ни кај да нурнат, освен во Вардар и во скопската канализација, што му доаѓа исто.

Е, ко ќе стигнеме во фаза на бубашваби, ни куршум ќе нѐ дупи, ни радијација. Тогаш комотно нека се разлупаат со нуклеарки Путин, Трамп, косоокине, Пакистан, Индија, Иран и Израел, ќе им фаќаме невиден сеир од некој одвод или канализација: Ај дишете сега со полни гради, мамето ваше!

Ќе ставаат еколошки налепници на коли. Оние што возат полнолетни коли ќе добијат налепница ко оние што им ги лепеа на Евреите пред осумдесет години, така што тие коли нема да имаат пристап на улица секогаш кога ќе им прдне од ауспухот. Во денови за кои Светите Државни и Градски Институции ќе проценат дека се загадени, овие коли ќе мора да си останат дома, на паркинг.

Ама детето ти скршило нога на мразот или ти умира, нема автобус, а доцниш на работа, па казнени поени, намалување на платата или бркање од работа, нема палење кола со „ти си шуга-налепница“. Ја запалиш ли, а те сопрат џандари, казна ко Водно, исклучување од сообраќај, одземање возило или не знам што.

Смртта на детето, намалувањето на платата поради доцнење, бркањето од работа, казната, одземањето на возилото, се последици кои треба машки да ги прифатиш, кога веќе си се измангупирал да ја возиш твојата крнтија со „давидова ѕвезда“ во загаден ден.

СЕ ТУРЧАТ СО МЛАДИ БИЧИЦИ

Грам мозок имате? Што сме ние? Ексцентрични милионери, кои од Ќур-ташак возат коли стари дваесет години? Она со налепниците што го правите, не е лек против загадувањето, туку дискриминација на граѓанството. Не е Миле виновен што нема плата од илјада евра, па да купи нова кола на лизинг или во кеш, виновна е државата што не обезбедила голем економски раст, висок стандард и таква плата за секој што чесно работи да се почувствува како човек.

Да се вози барем во нова тојата или шкода, ако не може во ауди и мерцедес. Да се грее на парно или на струја, наместо на гуми од трактор и јаглен. И сега што правите? Сите што имаат нови коли, повеќе или помалку бесни машини, ќе ги турираат по цел ден низ булевариве, до овде – до онде, ќе се Турчат со млади Бичици на совозачкото седало, а некој друг болното дете или старата мајка ќе ги носи на раце до болница или префрлени преку гиданот ако е поксметлија, па купил точак.

Оти автобусите се „шит“ невиден, што ако некои се нови. До дваесет и седум години секој ден се возев со автобус и после години апстиненција, откако купив кола, минатата недела пак се возев во автобус до Припор, чунки од Припор, требаше да купам браник „на старо“ за моето дваесетгодишно хјундаи. Морав да се возам со автобус, зашто колава на лимар.

Ништо не се сменило. Прво го чекав триесет и пет минути и ете го, дојде, внатре тутма, па имаш незаборавна „вожња“ низ градскиот шпиц и метеж до Припор во траење од четириесет минути. Замисли, итно да мора да стигнеш некаде, еве до болница, ако се знае дека кај нас Брзата помош е поспора од дваесчетворка до Припор. Готово.

Да намалиш расходи, подобро покриј го тешко болниот со бел чаршав преку глава и одма викај погребално и поп. И поп додуша тешко ќе најдеш на повик, оти сите се прераспоредени во бизнисот со маркици, градежни парцели и изградба на станови за домување.

ГЛАВНИОТ ВИНОВНИК

Автобусите со нивното клај-клај, гужвите во нив, турканиците, дерењето, примитивизмот, губењето време, некако не ми се опција. Точак на минус десет, кога нели, постои висока концентрација на ПМ честички, исто не е добар избор. Ако не се задушиш по пат, ќе стасаш со подмрзнати веѓи и мразулци од носот. Нема да можат да те одлепат од седалото. Директ сосе точак ќе те стават во микробранова да се одмрзнеш.

И како бе така ми кажувате што да облечам, што да јадам, што да возам, кога да возам. Што е со моето право на избор, како едно од темелните демократски права. Ама било загадено? Што ме боли „стојанче“ што е загадено.

Моето хјундаи е кобниот загадувач или има далеку покобни за кои не ви се зборува многу-многу, зашто се претворени во бериќетни бизниси? Со години се зборува дека Македонија е претворена во депонија за токсичниот отпад на европските развиени демократии, а некој полни џебови од тоа. Истражил некој? Открил нешто? Направил нешто?

Ама важно го најдовме главниот виновник. Крнтиите од возниот парк на инспекторот Мамбли. И таму некој што запалил десет гуми да се загрее во керпичот. Порано не возеа коли, не палеа гуми, не користеа јаглен и дрва да се греат? Скопје во зима секогаш се гушело во магла и смог, па не било на прво место во билтените за загаденост на Обединетите нации.

Ама, ете, денес да ти имало петодупло повеќе коли отколку пред триесет години и морало против нив да се преземат воспитни мерки. Давидова ѕвезда за постари модели. Тие се нижа раса. Смеат да се тркалаат само оние поновите, со сина крв. Чист расизам. Ако ги турите налепниците, треба да ве судат во Хаг.

РАБОТАТ САМО КЛАДИЛНИЦИТЕ

А точно е, денес има многу повеќе коли од порано, но има уште една работа. Пред триесет години, Скопје беше индустриски град. Едни од најголемите фабрики во Југославија беа во Скопје, Железара, ОХИС. Гиганти. Железара со дванаесет илјади вработени, ОХИС со шест илјади. Работеа со опасни материи, испуштаа опасни материи. Фабриките Треска и Алумина беа, такаречи, во централното градско подрачје, кај мене пред зграда, па во живот не закашлавме, онака злокобно, фала богу.

Еколошките стандарди во тоа време претпоставувам беа далеку пониски од денешниве. Потоа ко се преселив во Аеродром, навечер, кога ќе го погледневме небото над фабриката Железара, беше џиш црвено, како да гори. Таа слика ми останала врежана во сеќавањето. За ОХИС да не зборувам.

И не беа само тие фабрики, имаше десетици други. Како што реков и тогаш се зборуваше за високата загаденост во Скопје, ама процентот на белодробни и други заболувања беше далеку под денешниот, а загадувањето се прифаќаше како цена која Скопје мора да ја плати заради високиот степен на индустријализација. Фабриките работеа под полна пареа, ден и ноќ, имаше и зошто да биде загадено.

Денес што? Која фабрика работи во Скопје? Под полна пареа работат само кладилниците и покер-автоматите. Оние една-две фабричиња што останаа, работат со петпати помал капацитет од оние во „комуњарско“ време. И уште сакате некого да убедите дека ауспусите на колите се појаки фраери од оџаците на Железара и ОХИС. Ние тогаш немавме чуено за ПМ честички. Може и ги имаше во голема концентрација, ама никој не ги мерел. Ако фатиш нешто на гради, земаш боледување, К-15 и право во Врњачка Бања. Се враќаш црвен во образите ко тетовско јаболко и вози Мишко.

СТИЛИСТИ И ДРУГИ СЕИРЏИИ

Ама денес сме така нежни. На сѐ внимаваме. Опасностите се тука и нѐ демнат. ГМО, ПМ-честици, Сергеј од ТВ, птичји грип, свински грип, говор на омраза, вакцини, хомофобија, радијација, Дрисла и Вардариште, турски серии, изгладнети џукели на улиците кои напаѓаат кого стигнат. Не смееш ова, не смееш она. Не смееш да се опуштиш ни една секунда, мора да внимаваш што ќе кажеш, што ќе напишеш, што јадеш, што возиш, кај го ставаш (на точакот мислам). На сѐ внимаваме, а никогаш не сме биле поранливи и посмртни и поглупи.

Водно уште се сече и се гради. Згради никнаа до Средно Водно. Марин сече и гради во Аеродром. Во Центар, еве, ќе сече и гради МПЦ, ама по Божји план и промисла. Да се биде поблиску до Господ. Ко е така, мора да се гради, оти гневот Господов може да се сруши на нашите глави. Башка законски било издржано.

Ова со законите му доаѓа како ехо од времето на Груевски. Откако ќе ги изгради становите, МПЦ за љубов на Господа ќе ги продава две илјади евра квадрат. Тоа ако. Не мора да се паничи за тоа што од Скопје направија стаклена градина. Нашите скапани коли се виновни така?

Довчерашните гласни критичари на ДПМНЕ за исти и слични градежни активности, денес ќутат со главата пикната меѓу колена, а не се нешто сигурни дали се тоа нивните колена. Што ако создавањето на тој херметички затворен скопски котел е причина за загадувањето, зашто отровите нема ветре да ги дувне и да ги однесе?

И што ако е ова само една обична игра, оти животот му е секому мил. Помил од политиката, државата, распродажбите во моловите и мислењето на стилистите и другите сеирџии.

Смисли му на човек добра причина да се плаши за својот живот и тогаш не го интересира ништо друго, освен животот. На таков човек од офсајд можеш да му протнеш што сакаш. Од промена на името на државата, до налепници на коли и триста други забрана. Стравот од смртта е најдобар за мир во куќа и тргнување на погледот од сите оние работи кои се далеку поопасни и поради кои, лесно се губи слободата и државата.

Поврзани новости