Ќе се укинуваат економските директори на скопските клиники што речиси 11 години земаат по 1.500 евра плата

by Fokus

Економските директори на скопските клиники што речиси 11 години земаат по 1.500 евра заминуваат во историјата. Тоа пред неколку денови го најави новиот министер за здравство Арбен Таравари, кој директно кажа дека, иако клиниките имаат економски менаџери, сепак се заглавени во огромни долгови.

Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор.

Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.

Според сликата што може да се види на терен и според коментарите на лекарите, во директорските фотелји се сместени партиски војници, кои наместо да имаат контрола над финансиското работење, тие во последните години ги зголемиле долговите на вртоглави 50 милиони евра. Лекарите обвинуваат дека економските менаџери повеќе се „бореле“ да го спречат штрајкот на лекарите во 2012 со закани за откази и притисоци врз вработените и за казнување на лекарите „непослушници“.

Нестручни, амбициозни, но алчни за моќ. Ваков е профилот на повеќето менаџери во јавното здравство, кои иако се анонимни за јавноста, сепак имаат голем придонес за случувањата на клиниките и за лошото финансиско работење. Според нашите информации, платите на менаџерите на клиниките се движат од 1.000 до 1.500 евра, што значи дека само за една година од буџетот во здравството за нивните плати се одлеваат повеќе од 1,5 милион евра.

Една од директорките е Анита Поповска, која повеќе од осум години е менаџер на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза. Таа е сестра на сопругата на министерот за здравство Тодоров, Александра, која, пак, работи на Институтот за патологија, каде што директорка е вујната на првиот човек во здравството Гордана Петрушевска. Поповска не е позната во јавноста затоа што секогаш се држи настрана од случувањата, не сакајќи нејзиното име да се провлекува по медиумите.

На листата економски менаџери може да се најде и името на Никола Ташев, кој неколку години беше менаџер на скопската Инфективна клиника, а речиси една година управува со финансиите на Клиниката за токсикологија. Според нашите информации, неговиот мандат е истечен од јуни годинава, но тој сѐ уште не ја напушта директорската фотелја, иако функционира како незаконски овластен потписник на сите документи.

Неговото име протече во јавноста откако неколку лекари од клиниката се пожалија дека се под постојани притисоци и закани од него, а кога дошол на клиниката, им ја зел канцеларијата на дежурните и си ја присвоил за себе. Дури, еден од лекарите, Нестор Поповски, во март годинава јавно обвини дека Ташев го избркал како партал од Стручниот колегиум без никаква причина.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости