Жените кои сакаат да ја прекинат бременоста нема да мора да одат на задолжително советување, а ќе се укинат и дел од комисиите со цел да се скрати административната постапка во овој процес, но со цел да не се загрозува здравјето на жената, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Со промените кои беа направени пред неколку години многу се усложни процедурата, се воведоа многу административни процедури, а сметаме дека дел од нив траат толку долго што може дури и да го загрозат здравјето на жената. Сакаме да го објасниме нашиот став, да го слушнеме нивниот глас и заеднички да утврдиме која е најдобрата опција, како да им се излезе во пресрет на жените кои сакаат да го спроведат абортусот без никаков ризик по нивното здравје – изјави Филипче.