Инспекцијата на Општина Центар ќе ја отстрани металната ограда од градилиштето на црквата „Св. Константин и Елена“ на улица Македонија во најстрогиот центар на Скопје, пренесува СДК.
Како што велат од Општината, поминат е рокот за градба од 10 години и сега просторот ќе го расчистат и ослободат од тарабите.
„Таму нема никакви градежни работи, ниту пак има најава до Општината дека тие ќе продолжат со оглед на тоа дека е поминат рокот за градба. Затоа во наредниот период оградата ќе биде тргната, просторот ќе биде исчистен и овој дел од центарот на градот ќе биде ослободен од лимените бариери“, вели Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на Општина Центар.
Црквата „Св. Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012, а на почетокот на изградбата присуствуваше и тогашниот премиер Никола Груевски. Инвеститори се Македонската православна црква (МПЦ) и Фондацијата „Св. Цар Константин“, која што беше формирана од МПЦ за изградба на црквата. Груевски организираше три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба.