Поголема контрола врз службеното постапување и дополнителна заштита и за граѓаните и за царинските службеници треба да овозможат 30-те нови телесни камери што ги доби Царинската управа. Опремата ќе биде ставена во употреба на граничните премини Табановце, Ќафасан и Блаце.
Камерите се донација преку американската ICITAP, меѓународна програма за обука и помош при водење криминалистички истраги, основана во 1986 година како специјализирана организација во рамките на Министерството за правда на САД.
Со камерите службените постапувања ќе се снимаат во реално време, а снимените материјали ќе може да се користат како доказ и да се споделуваат со други институции надлежни за спроведување на законот.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, вели дека со воведувањето на оваа опрема се поставува нов стандард во однос на професионалноста, транспарентноста, одговорноста и безбедноста.
„Со обезбедените 30 телесни камери, заедно со целокупниот систем и инфраструктура и со спроведените обуки, ние не добиваме само технологија, туку систем што треба да даде конкретни резултати во секојдневното работење“, изјави Николовски.
Тој посочи дека трите избрани гранични премини се места каде што царинските службеници секојдневно работат со голем број патници, превозници и значителен проток на стока.
Како една од главните придобивки, Николовски ја посочи заштитата на двете страни во постапката. Според него, снимката ќе претставува објективен запис за начинот на кој службеникот постапувал, но истовремено ќе го регистрира и однесувањето на патниците, превозниците и економските оператори.
Втората цел е превенција од корупција. Од Царинската управа велат дека технологијата треба да биде дел од пошироките напори за јакнење на интегритетот и професионалноста и за спречување на злоупотребата на службените овластувања.
Николовски како трета придобивка ја наведе поголемата транспарентност и доверба кај граѓаните. Тој нагласи дека камерите треба да придонесат работата на царинските службеници да биде попроверлива и очекува опремата да се користи одговорно, доследно и професионално, согласно утврдените правила.
Вршителката на должноста амбасадор на САД во земјава, Никол Варнс, изрази благодарност до сите кои учествувале во реализацијата на проектот. Таа рече дека модерната технологија ќе им овозможи на царинските службеници да ги извршуваат своите должности со поголем интегритет и дека американската страна останува посветена на поддршката за зајакнување на безбедноста и стабилноста на границите.