Деновиве ќе започне снимањето на првиот македонски игран филм посветен на нашата фолк естрада, во кој улогите ќе ги играат голем број на наши пејачи на народна музика.
Како што дознава ,,Фокус”, главната улога ќе ја игра музичарот Благојче Стојановски – Туше, а ќе глумат и Марјан Коцев, како капетан на брод, Сања Барби како медицинска сестра, Дарко Билбиловски, Дани Даниела, Жанко Голабоски, Ташко Каранфиловски и многу други.
Работниот наслов на филмот е ,,Со песна од Охрид до Дубаи”, и ќе се снима во Охрид, а треба да биде завршен во април. Потоа, во мај следува промоција, и филмот ќе биде прикажан и кај нашата дијаспора.
Зад проектот стојат естрадниот менаџер Хари Сековски, Пикси Санел од модното студио Санел и Александар Тасевски, кој го напишал сценариото.
-Ова ќе биде една урнебесна музичка комедија! За снимањето е задолжена Централ Продакшн од Тетово, а како актери во филмот ќе се појават уште многу други музички имиња, кои дополнително ќе бидат соопштени.
Вакви проекти недостигаат во Македонија, и драго ни е што филмот ќе биде дистрибуиран и кај нашата дијаспора ширум светот.
Исто така, снимањето на филмот ќе заврши со голем музички фестивал, за ,,Фокус” открива менаџерот Пикси.
Денес во Охрид ќе се собере голем дел од екипата која ќе биде вклучена во филмот. Најавена е и прес конференција, на која ќе бидат соопштени повеќе детали за целиот проект.
Вики Клинчарова