Студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје ќе бидат први на списокот за реновирање на деветте државни студентски дома низ државата во рамки на проектот за нивна енергетски ефикасна рехабилитација.
Проектот има три фази, а договорот кој Владата денеска го потпиша со компанијата „Страбаг“, се однесува на првата фаза – реконструкција на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“.
Овие два, од вкупно деветте студентски дома, како што истакна премиерот Димитар Ковачевски, ќе бидат реконструирани за 18 месеци, односно за година и половина.
Студентските домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид ќе се реновираат со 20 милиони евра од Германската развојна банка и со грант од пет милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.