Ќе се прави закон за ветинг во МВР

by fokus

Владата на денешната редовна 148 седница ги утврди активностите за спроведување на процесот на проверка (ветинг) на вработените во МВР и го задолжи Министерството најдоцна до 20 август годинава да формира Работна група со задача да изготви Предлог-план на мерки, активности и динамика за спроведување на процесот што треба најдоцна до 1 октомври годинава да го достави до Владата.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, Владата на денеска одржаната седница ја разгледа и усвои и Информацијата во врска со потребата од спроведување процес на проверка (ветинг) на вработените во МВР во која е наведено дека процесот на проверка во Полицијата, во развиените земји претставува составен дел од етиката и професионалните стандарди на полициските сили и е дел од заштитните безбедносни политики.

Заради креирањето праведна институција, со високи стандарди на интегритет, зголемување на професионалноста на вработените, зајакнување на борбата против криминалот и корупцијата, обезбедувајќи чесни, кредибилни и посветени полициски службеници, како што е констатирано, неопходно е МВР да пристапи кон подготовка на нацрт-текст на посебен закон, во којшто ќе се дефинираат сите потребни елементи за ефикасно спроведување на процесот на проверка, односно оценување на вработените во Министерството.

Во меѓуресорската работна група предвидено е да учествуваат вработени во Министерството, претставници од стручната јавност, претставници од Мисијата на ОБСЕ во земјава, претставници од невладиниот сектор, со задача да спроведе сеопфатна анализа за тековната состојба, да утврди конкретен модел за спроведување на процесот на проверка (ветинг) на вработените во МВР врз основа на компаративни искуства и да изготви предлог закон, заедно со акциски план околу процесот.

Поврзани новости