Ќе се подобрат ли условите на домашните инвеститори?

by Fokus

Технолошко индустриската развојна зона ги проширува можностите за инвестирање на локално ниво како и отворање заеднички зони со општините со државна поддршка, како дел од новиот концепт. Како што се наведува во соопштението, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски остварил средба со Перо Костадинов, градоначалник на Валандово и со градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, со што ја започнал серијата разговори со повеќе општини што имаат за цел да развијат модел на привлекување на домашни и странски инвестиции на локално ниво.

-Со општините разговараме како да ги вклучиме и нив и заедно да ги подобриме условите за инвеститорите на локално ниво. Сакаме искуството коешто го имаме со странските инвеститори во ТИР зоните да го развиеме на локално ниво за домашни компании. Во партнерство со општините да вложуваме во подобрена инфраструктура со која ќе привлечеме квалитетни инвеститори кои ќе донесат добро платени работни места, особено за младите во југоисточниот и вардарскиот регион, изјави Деспотовски.

Валандово располага со две индустриски зони, а Деспотовски и Костадинов разговарале за отворање и трета индустриска зона со државна поддршка.

-Сакаме директно да ги слушнеме потребите на домашните бизнисмени со цел да креираме подобри услови за нив и да ги поттикнеме да инвестираат овде, дома. Ова е практичен чекор на изедначување на домашните и странските компании што е дел од новиот концепт на ТИРЗ. И нашите домашни компании ќе ги уживаат истите услуги, поддршка и привилегии, како и странските, истакна Деспотовски.

Поврзани новости