Претставниците на меѓународните финансиски организации побарале да се размисли за подигнување на старосната граница за пензионирање од 64 на 67 за мажи и од 62 на 65 за жени, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не размислува да предложи такво нешто во следниот период.
Директорот на ПИОСМ, Никола Мемов на брифинг со новинарите рече дека таков предлог нема да излезе од институцијата, освен ако не се одлучи поинаку на Влада која сепак е надлежен орган за ова прашање, а не Фондот.
Инаку, околу 350.000 пензионери добија повисоки пензии за 2.500 денари и тоа го чини Фондот за пензиско и инвалидско осигурување 14 милиони евра месечно, односно пензиите се покачени за 11,17 %, а не за 4% колку што требаше да изнесува усогласувањето со порастот на трошоците.
Ова ќе го чини Фондот 56 милиони евра до крајот на годината, а потоа Владата ќе треба да ја зголеми ставката на трансфер на средства кои ќе се префрлаат во ПИОМ за да се покрие дупката во неговиот буџет за исплати на пензиите кои ќе пораснат уште еднаш во март 2025 и уште еднаш во септември 2025 година.
За ова да се реализира ФПИОМ испланира предлог буџет од 2,2 милијарди евра кој сега чека согласност од Министерството за финансии, а дефицитот на Фондот е проектиран да изнесува 27% за што ќе бидат префрлени средства од Владата во висина од околу 580 милиони евра.
Во документот на ПИОМ адресиран до Министерството за финансии се наведува дека следната година, за да се финансираат сите планирани расходи, касата на државниот фонд треба да “тежи“ речиси 2,2 милијарди евра што е за над 360 милиони евра повеќе од проектираните трошења за годинава, што го прави ПИОМ институција со најголем буџет во земјава.
На брифингот тој сподели дека оваа година, заклучно со 15 октомври, се издадени 19.677 решенија за пензии.
Директорот на ПИОСМ посочи и дека затекнал голем дисбаланс на бројот на вработените по филијалите во Македонија.
Филијалите во западниот и северниот дел од земјата (Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево) се речиси целосно пополнети со вработени, а во останатите градови тој број е под минималниот број за основно функционирање.
Поради кусокот со вработени, многу филијали не можат навреме да ги решат пристигнатите барања за пензионирање, па во моментот има околу 3.000 нерешени предмети.
Вкупно во сите филијали треба да има 964 вработени, а има 491.
“Проблемот со нерешените предмети ќе го надминеме така што ќе ги распределиме од филијалите каде нема доволен број на вработени, во оние каде што има, за што е изработен Протокол за трансфер на предметите. Дополнително, поднесено е барање за согласност до Министерството за финансии за враќање на дел од договорците на дело чии договори се прекинати на 30 јуни 2024 година“, истакна Мемов.
Во однос на т.н. фантомски пензиии во Косово, за што се шпекулира во јавноста, директорот посочи дека не може да се потврди дека такви постојат и дека се ќе биде појасно кога ќе профункционира планираниот централен регистар на социјални осигуреници по примерот на регистарот за фирми.
-Не можеме да кажеме дека постојат фантомски пензии, тоа во овој момент не може да се потврди. Странски пензии во Косово што ги исплаќа Фондот има само за 1200 корисници, рече Мемов.
Најави модернизирање на услугите и деловните процеси во Фондот и рече дека клучен приоритет е инвестирање во ИТ-системот, па во новиот буџет Мемов бара средства за нови софтверски решенија за пензискиот систем.
-Ќе направиме ново софтверско решение и ИТ-системот ќе биде комплетно на „клауд“, како што е сега ФЗОМ. Фондот ќе се отвори кон граѓаните преку оваа дигитализација што ќе ја направиме, за секој граѓанин да може да види на апликација колку има стаж, придонеси итн, соопшти директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Орце Костов